Повеќе новинари се пожалиле дека не им е даден увид во стенограмите на владината седница на која се донесе одлука за спојување на концесиите за изградба на рудникот кај Иловица. Од Владата одговориле дека согласно Деловникот на Владата, не може да достават извадоци од стенограмот
Но, ЗНМ се жали и дека Владата доцни со објавувањето други документи кои станаа јавни по заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт, како, на пример, записниците од седниците
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска го осуди, како што го нарекуваат „игнорантскиот однос“ на Владата кон медиумите, а во врска со неодамна донесената одлука за спојување концесии за рудникот Иловица. Повеќе новинари испратиле поплаки до здружението бидејќи не успеале да добијат детали што точно се случувало на седницата на Владата одржана на 27 јуни 2023 година.

На таа седница беше донесена одлуката за спојување на концесиите за експлоатација на руда кај с. Иловица, а неколку министри од СДСМ потоа тврдеа дека практично биле доведени во заблуда од надлежниот, министерот за економија Крешник Бектеши. Па, некои новинари побарале увид и во стенограмите од седницата.
„Наместо одговор, од Канцеларијата на портпаролот на Владата до јавноста се споделува оправдување дека согласно член 94 став 6 од Деловникот за работа на Владата, тие не можат да достават извадоци од стенограмот. Со цел да не се остави впечаток дека оваа постапка од страна на Владата е обид да скријат информации кои се од особена важност за јавноста, ЗНМ бара тие итно да бидат ставени на увид на новинарите, а преку нив и на сите граѓани“,
велат од ЗНМ.
Покрај за актуелниот случај, од ЗНМ забележуваат дека Владата отстапува на планот на транспарентноста. Поточно, веќе два месеци не е ажуриран делот на владината веб-страница каде што се објавуваат записниците од владините седници.
„Укажуваме дека информираните новинари и медиуми се од витално значење за функционална демократија. Без пристап до сеопфатни информации, способноста на новинарите да ја исполнат својата демократска улога е сериозно попречена, лишувајќи ја јавноста од суштински извор на независни и разновидни вести“,
велат од ЗНМ.
Во времето на владите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Владата се затвори до тој степен што дури и дневниот ред на владините седници беше „тајна“. Години пред промената на власта, не се објавуваа ниту записници, а прес-конференциите на владиниот портпарол беа реткост.

По доаѓање на власта на коалицијата на СДСМ и ДУИ, Владата направи големи чекори на планот на транспарентноста. Се вратија дневните редови, записниците и прес-конференциите по секоја владина седница. Во еден момент се направи и база на која се прикажуваат трошоците на функционерите. Ниту една од овие алатки не е отстранета, но тие или не се ажурираат редовно или се објавуваат сè поретко.