„Како Ковачевски и Спасовски дозволиле во Македонија да се креира шпионски софтвер, каква е поврзаноста на СДС и ДУИ со ‘Сајтрокс’, зошто ЈО молчи“, прашува пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Тој смета дека премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски треба да одговорат како е возможно во Македонија со години да се развива шпионски софтвер, за кој НАТО и САД се против, а власта не презела ништо.

„Ова е доказ дека власта е лицемерна и само за бледа реторика ги користи НАТО и ЕУ и САД, а кога треба да се прави профит, не им е гајле за никој од нашите стратешки партнери. Дополнително, опасно е тоа што софтверот на фирма која заврши на ‘црна листа’ на САД, а како што потврдија истражувачки новинари, бил развиван во Македонија и тоа со години. Дали Ковачевски и Спасовски свесно дозволиле да се развива таквиот шпионски софтвер, особено ако знаеме дека фирмата уште во 2021 година била ставена на ‘црна листа’ на Фејсбук? Спасовски и Ковачевски не можат да кажат дека и за тоа не знаеле. Туку треба да одговорат зошто не преземале ништо и дали можеби и тие ги користеле услугите на тој софтвер и ако да, за кои цели?“,
вели Петрушевски.
Петрушевски прашува дали и во Македонија, како и во Грција, со помош на тој софтвер се следени политичари, новинари и јавни личности и дали тоа е причината зошто Спасовски и Ковачевски не реагирале уште кога Фејсбук ја ставил фирмата на ‘црна листа’.
„А не да чекаат и САД да го сторат истото? Како може Спасовски и Ковачевски да немаат ефективна контрола и знаење што се случува во Македонија, а тоа да го знаат во САД? Очигледно е дека знаат, но не реагираат. Спасовски и Ковачевски ја загрозуваат нашата безбедност, го загрозуваат НАТО и сите сојузници. Со вакви неспособни политичари, Македонија оди само надолу“,
смета тој.
Петрушевски побара да реагира и Јавното обвинителство и рече дека „со свесно нереагирање, станува соучесник“.