Не станува збор за каква било политичка пресметка поради тоа што единствено нешто од кое се води МВР и Јавното обвинителство, е да се бориме против криминалот и корупцијата, кажа министеот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Во интервју на ТВ Сител, Спасовски изјави дека денешната акција е резултат на заедничка акција на која се работи подолго време, а во која се осомничени 15 лица за злосторничко здружување, даночна измама и перење пари.
“Ова е предмет којшто уште еднаш ја покажува цврстата определба на МВР, на раководството за борбата против криминалот и корупцијата, од којашто нема да отстапиме и од којашто нема да биде поштеден никој, без разлика кој е, што е, на каква позиција се наоѓа – дали бил близок со еден или со друг, заради тоа што посилен не може никој да биде од Република Северна Македонија“,
нагласи Спасовски.
Според него, нема поголем престап од тоа да се злоупотребат буџетски средства што се собираат од данокот што го плаќаат граѓаните. Од овој аспект, како што рече, апсолутно нема потреба, ниту можност да се навлегува во какви било квалификации, без разлика дали се тоа политички или други.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднесе кривична пријава против 15 физички лица и три правни лица за неколку кривични дела – „злосторничко здружување“, „даночна измама“ и „перење на пари и други приноси од казниво дело“.
Како што посочи Спасовски, се работи за финансиски криминал во кој се вклучени лица од УЈП, бизнисмени и сметководители чија цел била на нелегален начин да испумпаат пари од државниот буџет. Штетата направена на Буџетот е околу 840 илјади евра. Дел од овие финансиски средства, како што посочи Спасовски, биле искористени за купување недвижнини.