Министерството за трговија на САД, препознавајќи ја клучната улога што технологијата за следење комуникации ја има во овозможувањето репресија и други нарушувања на човековите права, одлучило да го ограничи пристапот на овие компании до средства, софтвер и технологија што може да им помогне да развијат алати за следење, бидејќи тоа би претставувало ризик за злоупотреба и за прекршување на човековите права, се вели во соопштението од Бирото
Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД ја стави на својата „црна листа“ македонската компанија „Сајтрокс“ (Cytrox AD) заедно со уште три фирми од Грција, Унгарија и од Ирска. Компаниите се санкционирани поради обиди да добијат пристап до информациски системи, со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и на организации низ светот. Другите три фирми се унгарската компанија „Сајтрокс“ и двете фирми „Интелекса“, едната регистрирана во Грција, а другата во Ирска. Сите се дел од истата мрежа.
Во соопштението од Бирото се вели дека Министерството за трговија, препознавајќи ја клучната улога што технологијата за следење комуникации ја има во овозможувањето репресија и други нарушувања на човековите права, одлучило да го ограничи пристапот на овие компании до средства, софтвер и технологија што може да им помогне да развијат алати за следење, бидејќи тоа би претставувало ризик за злоупотреба и за прекршување на човековите права.
„Ова правило потврдува дека заштитата на човековите права низ светот е клучен интерес на американската надворешна политика во светот“,
вели заменик-секретарот за трговија, Дон Грејвс.
Според него, оваа „црна листа“ претставува моќна алатка со која се спречува лоши играчи низ светот да ја користат американската технологија за да остварат погрешни цели.
„Остануваме целосно фокусирани на спречување на ширењето на дигиталните алатки за репресија. Имајќи го предвид влијанието на алатките за следење и на другите технологии врз човековите права, задоволство ми е да објавам дека овие фирми се додадени на листата“,
рече потсекретарот на Бирото за индустрија и безбедност Алан Естевез.
Во соопштението се додава дека ширењето и злоупотребата на комерцијалните алатки за следење, вклучувајќи го и комерцијалниот шпионски софтвер, претставуваат посебна и растечка закана за САД, како и дека тие ја олеснуваат репресијата и прекршувањето на човековите права. САД преземаат мерки против компаниите што нудат шпионски софтвер на слободниот пазар од ноември 2021 година.
Четирите компании станаа познати поради нивната улога во развојот на малициозниот софтвер „Предатор“, со кој се инфицираат телефонски уреди низ светот. Делови од овој софтвер биле развивани и во Македонија, а според медиумски истражувања и според информации од релевантни институции, за тоа била задолжена фирмата „Сајтрокс“.