Пред само неколку месеци беше изгласана амнестија за лицата што не си ги плаќаа казните за ковид-19
Амнестија за сторители на одредени кривични дела беше изгласана и во 2018 година
Од Министерството за правда доцна попладнево објавија дека подготвиле предлог-закон за амнестија за полесни кривични дела. Оваа информација ја споделија со јавноста на фејсбук-профилот на владиниот ресор. Според објавата, предлог-законот треба допрва да го разгледаат 4-те пратенички групи, по што ќе биде процесиран во Собранието.
„Предлогот на министерот за правда Кренар Лога начелно е прифатен од сите фактори и пратенички групи во земјава. Од овој закон корист ќе имаат многу граѓани на кои ќе им се даде дополнителна можност за ресоцијализација.
Целта на законот е да нема пренатрупаност во затворите и драстично да се ослободат затворските капацитети, со што ќе се создадат оптимални услови за другите затвореници“,
соопштија од Министерството за правда.
Законот за кој говорат од Министерството за правда, барем во моментов, не е ставен на јавна консултација. Тој не е објавен на интернет-страницата на ЕНЕР, односно местото каде што Владата е должна да прави консултации по предлози на закони пред да ги достави до Собранието.

Изработката на предлог-законот што го промовира министерот Лога доаѓа само неколку месеци откако во Собранието беше усвоен предлог-законот за амнестија на лицата што ги кршеа ковид-протоколите за време на пандемијата.
И таа мерка делумно беше донесена бидејќи многу граѓани немаа пари или не сакаа да ги платат казните од по илјада до две илјади евра, па се одлучуваа да лежат затвор. А толку слободни места во затворите немаше ниту тогаш ниту сега.
Дека нема место во затворите „360 степени“ заклучи во истражување објавено на почетокот на годинава. Во тој момент, на капацитет од 2 090 луѓе во македонските затвори, казна издржуваа 2 201 лице или 111 лица повеќе од максимално возможното. Од 11 установи, само во Идризово, Охрид, Куманово и Струга имаше по уште некој слободен кревет. Тогаш директорот на Управата за извршување на санкциите Јовица Стојановиќ јавно апелираше до судовите почесто да носат пресуди со алтернативни казнени мерки за помалите кривични дела наместо затвор.
Закон за амнестија беше донесен и пред пет години, на почетокот на 2018 година. Тогаш имаше поголема јавна дебата – дали треба да им се простува казната на сторители на кривични дела во име на немање простор или подобра ресоцијализација.