Армијата ќе им помага на општинските штабови во спроведувањето на мерките против коронавирусот. Таа ќе биде ангажирана за одржување на редот, за дезинфекција и за дистрибуција на храна и лекови, информира вицепремиерот и шеф на Централниот кризен штаб, Бујар Османи.
„Денеска ги известив градоначалниците дека од утре ги имаат на располагање и услугите на армијата за цивилни потреби на општинските штабови во борбата против пандемијата. Пример , при дистрибуција на производи, дезинфекција, одржување ред или какви било други барања од штабовите. Во име на општинските штабови како координатор на истите им се заблагодарувам на Министерството за одбрана и Армијата, кои сега ја проширија својата асистенција покрај за полицијата сега и на општинските штабови“,
напиша Османи на својот профил на Фејсбук.
Асистенција од Армијата денеска побара прилепскиот градоначалник Илија Јовановски, посочувајќи дека во градот денеска се регистрирани 14 нови случаи на ковид-19, со што бројот на потврдени позитивни случаи се искачи на 72 лица, од кои еден вчера почина. Јованоски побара и воведување дополнителни рестрикции за Прилеп.
„Заради прогресијата на новозаразени, барам воведување на дополнителни мерки за општина Прилеп. Ќе побарам поголема вклученост на Армијата за спроведувањето на мерките и препораките од Владата и Министерството за здравство. Мора до го спречиме групирањето и гужвите пред банките и маркетите во градот. Компаниите каде има потврдени случаи на нивни вработени кои се заразени со коронавирус, во вакви услови не смеат ниту да помислат повторно да ги активираат своите производствени капацитети, сè додека не се создадат услови за работа, според проценките на стручните служби“,
порача Јованоски.