Тоа нема да биде класична партија, вели еден од лидерите на „огнените“ и додава дека сегашните албански партии не ја играат улогата на опозиција на единствено моќната ДУИ
Потпретседателот на ДУИ и еден од лидерите на т.н. „огнена група“ во партијата, Изет Меџити, во гостување на албанската телевизија Визион плус изјави дека со истомислениците се на ставот дека е дојден моментот – или да си формира ново политичко движење или да си отидат дома.
„Тоа нема да биде класична партија. Сигурно ќе биде демократско движење кое поинаку ќе го артикулира различниот глас, гласот ’против’ внатре во ДУИ и тоа нема да биде лошо за Албанците во Македонија. Ако има предвремени или регуларни избори кои треба да се одржат следната година, ќе има позитивна промена, според моите предвидувања. Досега имаше една моќна партија ДУИ и мали албански партии кои не ја играа улогата на опозицијата. Сега мислам дека ќе има два албански политички блока, ќе има моќна позиција и опозиција кои нужно ќе произведат поголем ефект за движењето на албанското прашање“,
рече Меџити.
Тој додаде дека програмата на ДУИ во овој состав на Владата е целосно заборавена и дека се реализирани само два отсто од програмата со која победила партијата на последните избори.
Според Меџити, освен Мерко, на црната листа на САД ќе се најдат и други личности од ДУИ.
„ДУИ е единствената партија во моментот која се најде на американската црна листа за корупција и мешање во судството. Се шпекулира дека ќе има и други личности. Значи, за ДУИ во моментов се зборува за корупција, за мешање во судството, за кршење на партиски статут, за борба против различните мислења“,
изјави Меџити.
Против идејата на Меџити за формирање нова политичка партија се другите членови на „огнената група“. Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, пред неколку дена изјави дека не ја поддржува идејата оваа фракција да формира нова политичка партија. Тој смета дека формирањето нова политичка партија би довело до фрагментација, расцепкување на албанското гласачко тело. Беџети во гостувањето изјави дека неговиот став го делат уште двајца членови на „огнените“, Муса Џафери и Невзат Бејта.