Ако некој ја изолира Македонија, тоа се криминалците од власта поради нивото на криминал и неспособност да спроведат реформи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

По најавата за доаѓање на нова министерска тројка, односно министрите за Европа на Германија, Франција и Полска во земјава следната недела, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека ќе биде разочаран и загрижен ако и тие доаѓаат да зборуваат за уставните измени.
„Доколку доаѓаат за уставните измени, нашата порака е иста, нашите аргументи се исти. Од таа страна јас не слушам нова поента и ако доаѓаат за тоа навистина ќе бидам разочаран и загрижен бидејќи овој народ овде, а и низ цела Македонија, после работа што им паѓа на памет се уставните измени. Луѓето имаат реални проблеми, како да го поминат месецот од први до први“,
кажа Мицкоски денеска од Прилеп.
Тој се осврна и на посетата на првата министерска тројка – Шаленберг, Липавски и Влаховски, кои вчера беа во земјава на неколкучасовни средби со претставници на власта и опозицијата.
„Јас разговарав вчера со тројцата министри за надворешни работи од Австрија, Чешка и Словачка. Имавме навистина аргументирана дебата во Собранието, ги кажавме нашите ставови. Тие ставови се исти, непроменети, и ако некој ја изолира Македонија тоа се криминалците од власта поради нивото на криминал и неспособност да спроведат реформи. Промената на Уставот не е критериум за изолирање на Македонија. Од друга страна, од истите тројца добив уверување дека во ниту еден момент не го кажале зборот изолирање, туку рекле дека ќе има задоцнување во процесот поради тоа што Владата на Ковачевски потпиша договор под бугарски диктат, кој народот не го прифаќа и надвор од политички консензус. Основен виновник, ако Македонија задоцни во процесот е оваа криминална влада, затоа што, освен тоа што потпишува договори на слепо, многу краде и е неспособна“,
вели Мицкоски.
Вчера Шаленберг, Липавски и Влаховски го нагласија заклучокот дека Северна Македонија треба да го искористи моментот за откочување на евроинтегративниот процес на земјата. Свесни се, како што рекоа, за сензитивноста во процесот на уставните измени, но не постои начин тоа да се избегне, посочија министрите на попладневната прес-конференција.
Тие одбија да споделат детали од разговорите со опозициската ВМРО-ДПМНЕ која не сака да ги поддржи уставните измени со образложение дека ќе станат дел од политичката дебата.