Оттаму ја поздравија одлуката на Советот на ААВМУ од вчерашната седница да ја отфрли анонимната иницијатива за одземање на дозволата на Алсат-М
Анонимни неаргументирани иницијативи за одземање на дозвола за емитување до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) може да се сметаат како притисок за радиодифузерите, реагираат од Здружението на новинари (ЗНМ) по објавата на „360 степени“ дека на вчерашната 22. седница на ААВМУ се нашла и точката „Предлог-решение за отфрлање на Иницијативата за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД АЛСАТ-М ДОО Скопје“. Иницијативата била поднесена анонимно.
„Со загриженост ја проследивме веста на колегите, во која се наведува дека анонимен пријавувач побарал од ААВМУ да ја одземе концесијата на телевизијата Алсат-М. Ги охрабруваме членовите на Советот на ААВМУ во иднина претпазливо да постапуваат во вакви случаи особено кога станува збор за сомнителни пријави зошто очигледно служат за притисок кон новинарите“,
соопштија од ЗНМ.
Оттаму ја поздравија одлуката на Советот на ААВМУ од вчерашната седница да ја отфрли анонимната иницијатива за одземање на дозволата на Алсат-М.
Како што веќе објавивме, неколку дена пред одржување на седницата, било предложено да се стави на дневен ред информација за иницијативата, но до одржувањето на седницата насловот на точката бил сменет во „Предлог-решение за отфрлање на иницијативата за одземање на дозволата за телевизиско емитување на Алсат-М“.
„Точка три гласеше ’информација‘, бидејќи овој дневен ред беше од пред неколку дена. Во меѓувреме, во конечниот материјал е изменета содржината и сега ќе гласи ’Предлог-решение за отфрлање на иницијативата за одземање на дозволата за телевизиско емитување на Алсат-М‘“,
беше посочено вчера на почетокот на седницата на ААВМУ.
Дневниот ред, со оваа точка како трета по ред, едногласно беше усвоен од членовите на Советот во АВМУ, а кога дојде на ред дискусијата за неа, образложение даде директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, чиј беше предлогот да се донесе решение за отфрлање на иницијативата. Тој објасни дека иницијативата е од анонимен подносител и во неа се обвинува ТВ Алсат и компанијата основач дека ја злоупотребуваат дозволата и позицијата.