Пратеникот вели дека е иронично што премиерот Ковачевски е изненаден што ние внатре не знаеме дека Рамиз Мерко е корумпиран, додека пак Америка знае
Пратеникот од редовите на партијата Алијанса за Албанците, која е дел од владината коалиција, Халил Снопче, вели дека сеќавањата од „бомбите“ во кои се слуша како нивниот коалициски партнер во Владата – ДУИ, заедно со сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ги избираат обвинителите и судиите во Јавното обвинителство и во судовите во Македонија, па затоа нивните обвинувања дека ДУИ се виновни за случајот со градоначалникот Мерко не може да ги амнестира нив од одговорност.
„Знаеме како се избрани и токму тие обвинители и судии се сè уште на функција и токму тие обвинители ги чуваат во фиоки случаите на актуелниот градоначалник г. Рамиз Мерко во врска со корупцијата. Господинот Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Рамиз Мерко дека Америка го ставила на црна листа, додека ние наводно не знаеме, па и бара одговорност“,
вели Снопче.
Дополнително, Снопче ја оцени изјавата на премиерот Ковачевски за Мерко како иронична бидејќи тој бил изненаден што ние одвнатре не сме знаеле дека Рамиз Мерко е корумпиран, а знаеле Американците.
Вчера Јавното обвинителство соопшти дека завршило вонредниот надзор врз сите заведени предмети против градоначалникот на Општина Струга, Размиз Мерко, како и во предметите поврзани со работата на Општина Струга во периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник.
Комисијата имала увид во вкупно 30 заведени предмети од кои најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, при што и во еден дел од веќе решените предмети испратиле укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување.
„Основното јавно обвинителство Струга води четири предмети против наведеното лице оформени од почетокот на годинава, а постапува и во 2 предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители кои преземале дејствија добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети (2 во РО и 3 во КО уписник). Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија, и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа останатиот дел се уште е предмет на проверки. На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет.
Вишото јавно обвинителство Битола доби насока во следниот период да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства во своја надлежност“,
соопшти Обвинителството.
Оттаму кажаа дека за време на извршениот надзор членовите на Комисијата извршиле и директни разговори со јавните обвинители од кои побарале да се произнесат дали чувствувале какви било притисоци во постапувањето и дали се соочуваат со проблеми при водењето на постапките.
„Во исто време, членовите на Комисијата апелираа до надлежните јавни обвинители за поголема ажурност и ги охрабрија да го пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките што се водат во јавните обвинителства. Исто така, на јавните обвинители уште еднаш им беше посочена и огромната важност за транспарентност и отчетност при водењето на сите постапки од интерес на јавноста“,
велат од Обвинителството.