Одлуката на американските власти да испратат касетни бомби на Украина директно ќе влијае на продолжението на војната во Украина, вели рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу
Доколку касетните бомби пристигнат во Киев и им се стават на располагање на украинските војници, тогаш Русија ќе биде принудена да користи слични средства против украинската армија на бојното поле, изјави денеска министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу. Тој вели дека Русија во свој посед има касетни бомби кои ги чувале „за секој случај“, но сега, со одлуката на САД, ќе мораат да вратат со исти мерки, иако досега се воздржувале поради опасноста што ова оружје ја има врз цивилното население.
На денешниот брифинг, Шојгу соопшти дека од 4 јуни до денес загинале 26 000 украински војници, уништени биле 1 200 оклопни возила, меѓу кои и германски тенкови „Леопард“ и американски „Бредли“ – овие наводи не се потврдени од независни извори.
Инаку пред неколку дена американскиот претседател Џо Бајден за Си-ен-ен потврди дека САД за првпат ќе и испратат касетна муниција на Украина и оти е убеден дека ова оружје му е потребно на Киев за противофанзивата против Русија. Информацијата претходно ја потврдија и Белата куќа и Пентагон.
„Тоа беше тешка одлука од моја страна. Патем, разговарав за ова со нашите сојузници. На Украинците им снемува муниција“,
рече Бајден во интервјуто кое Си-ен-ен.
За ова зборуваше и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, кој кажа дека одлуката Бајден ја донел по едногласна препорака од целиот тим за национална безбедност.
Русија, наведе Саливен, користи касетна муција од почетокот на војната, а Украина ја бара за да се одбрани од руската агресија. Но, според него, има разлика.
„Постои голема разлика помеѓу типот на касетна муниција што ја користи Русија и видот што САД би го испратиле во Украина. Русија веќе расфрлила десетици милиони од ова оружје на украинска територија. Мораме да се запрашаме – Дали украинската употреба на касетната муниција во истата област претставува дополнителна закана за цивилите, со оглед на тоа дека таа територија сепак ќе мора да биде деминирана“,
вели Саливен.
Украинските власти ја поздравија одлуката на САД да испратат касетна муниција во земјата. Министерот за одбрана Олексеј Резников на Твитер објави дека новото оружје значително ќе помогне да ги деокупираат украинските територии, истовремено спасувајќи ги животите на украинските војници. Муницијата нема да се користи на официјалната руска територија, кажа Резников.
„Нашиот став е едноставен – мораме да ги ослободиме нашите привремено окупирани територии и да ги спасиме животите на нашите луѓе. Украина ќе ја користи оваа муниција само за деокупација на нашите меѓународно признати територии. Оваа муниција нема да се користи на официјално признатата територија на Русија“,
напиша Резников.