Едно од решенијата што ќе ги предложи СДСМ заедно со коалициските партнери за решавање на проблемот со ѓубрето е вклучување на сите јавни претпријатија. Со сиот свој човечки потенцијал, а потоа и со онаа механизација со која располагаат јавните претпријатија да се вклучат во чистењето за што поскоро целосно да се расчисти ѓубрето во Скопје и состојбата да се врати во нормала, вели Јанчева

На барање на советниците од коалицијата предводена од СДСМ, Советот на Град Скопје в четврток ќе одржи вонредна седница на која ќе се разговара за актуелната состојба во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
„Во рамките на своите надлежности и во името на граѓаните Советот има обврска да дискутира за актуелната состојба во ЈП ‘Комунална хигиена’, а СДСМ ќе предложи и мерки и активности за итно дејствување на градот. Една од мерките, едно од решенијата што ќе ги предложи СДСМ заедно со коалициските партнери за решавање на проблемот со ѓубрето е вклучување на сите јавни претпријатија. Со сиот свој човечки потенцијал, а потоа и со онаа механизација со која располагаат јавните претпријатија да се вклучат во чистењето за што поскоро целосно да се расчисти ѓубрето во Скопје и состојбата да се врати во нормала“,
рече денеска во изјава за медиумите Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје.
Според Јанчева, оваа мерка ќе овозможи ЈП „Комунална хигиена“ брзо да се врати во секојдневниот работен тек, а ќе превенира и во иднина да не се случува повторно ваков хаос.
За овој предлог, Јанчева вели дека очекуваат поддршка од сите советнички групи, вклучително и од мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ.
„Токму ДПМНЕ со своите кадри, со своите градоначалници во Скопје и со својата градоначалничка којашто победи со нивна поддршка го создадоа проблемот. Наместо модерно Скопје, како што Мицкоски и ДПМНЕ ветуваа пред скопјани кога бараа гласови од нив, создадоа загаден град и нефункционални јавни претпријатија. Советот има механизми што треба да ги искористи во интерес на граѓаните и во интерес на Скопје, и во оваа насока очекуваме одговорност од сите советници“,
додаде Јанчева.