Министерот за внатрешни работи вели дека се во постојана координација со обвинител и доколку се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители кои, како што вели тој, придонесоа за главниот град да се дави во смет, можно е да бидат поднесени кривични пријави согласно доказите кои ќе бидат прибрани
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека го чека записникот од надлежните инспектори кои на терен ја контролирале состојбата со преполните контејнери и со, како што вели, еколошката катастрофа која го загрозува здравјето и животот на граѓаните, и најавува дека доколку се утврдат елементи за кривично дело ќе бидат поднесени пријави.
„Мислам дека денеска треба да биде доставен записникот од инспекторатот за заштита на животна средина, комуналниот инспекторат и инспекторите од Град Скопје, да ги видиме нивните наоди во целата оваа состојба и во постојана координација сме со обвинителот, а доколку се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители кои придонесоа за главниот град да се дави во смет можно е да бидат поднесени кривични пријави согласно со доказите кои ќе бидат прибрани“,
рече Спасовски денеска одговарајќи на новинарско прашање при неговата посета на Центарот за обука во Идризово.
На прашањето дали ќе бидат поднесени кривични пријави за вработените во претпријатието кои земале плата, а не доаѓале на работа, како и за директорката на „Комунална хигиена“ Косана Мазнева затоа што знаела за оваа ситуација, Спасовски рече дека ако имало недоследности во работењето секој ќе сноси одговорност.
„Ако имало недоследности во работењето, ако имало давање на плати на лица кои биле со договор вработени, а не доаѓале на работа и биле злоупотребени буџетски средства, секој еден за оваа работа ќе сноси одговорност. Тука нема да има отстапка и нема да има никогаш и за ниту една ситуација. Мислам дека ова треба да биде санкционирано за да конечно се стави крај на политиканство и игри кои се случуваат на грбот на граѓаните, а овде е врз здравјето на граѓаните“,
рече Спасовски.
Тој ја потврди претходната информација на МВР дека веќе е поднесена една кривична пријава за насилство извршено во неделата вечерта.
„Завчера вечерта откако тргнаа со работа вработените во „Комунална хигиена“ беа неколку од нив нападнати од едно лице кое исто така било вработено во претпријатието. Поднесена е кривична пријава за насилство и веќе е процесуирана на јавното обвинителство“,
додаде Спасовски.