На „триумфална“ прес-конференција, директорката на „Комунална хигиена“, Косана Мазнева и градоначалничка Данела Арсовска вчера порачаа дека се справиле со мафијашките структури, кои го држеле во заложништво и претпријатието – и градот
Гледам мафијаши, ѓубре товариме, а мафијаши. Имаат право да нѐ обвинат за сѐ кога луѓето работат 365 дена, а не добиваме ни денови за одмор. Нека им служи на чест, вели избрканиот комуналец Дардишта
По тридневна блокада, вработените во „Комунална хигиена“ Скопје од вчера се вратија на работа во втора смена.
Градот се чисти, а од синдикатот во кој спаѓаат и овие вработени, СУТКОЗ, велат дека работниците ќе го собираат сметот за да им излезат во пресрет на граѓаните поради најавените високи температури, додека правата ќе продолжат да ги бараат институционално.
Вработените во „Комунална хигиена“ имаат три основни барања, појаснуваат од Синдикатот.
„Основната причина што ја истакнаа вработените е неусогласувањето на нивните плати со порастот на минималната плата, што е законска обврска од март. Во ‘Комунална хигиена’ сите плати се покачија само за 864 денари, наместо за 2 175 денари. Тоа беше првото незадоволство на вработените. Второто е неисплатата на К-15, таму има одредена спогодба за К-15 склучена со еден од поранешните директори која за жал не е испочитувана и третото барање е нерегулираниот бенефициран стаж. Луѓето што работат на подигнување смет работат во тешки услови, а за тоа немаат бенефициран стаж, кој по закон им следува. Сето тоа право не им е изрегулирано“,
изјави вчера претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски, во гостување на ТВ 24.
Тој посочи дека на околу сто луѓе не им се продолжени договорите за работа уште пред шест месеци, додека според последните информации од претпријатието сега се работи за 27 вработени.
„Ние како Синдикат не добивме список за кои луѓе и за која бројка на вработени ангажирани преку агенција за привремени вработувања станува збор“,
рече Кашиковски и посочи дека доколку се остварел дијалог со раководството не би дошло до комунален колапс.
Во однос на наводите за „мафијашки структури“, директорката на претпријатието треба да даде одредени поднесоци до надлежните институции, како што и најави, смета Кашиковски.
Утринава, пак, на одредени места во главниот град сè уште може да се забележат мини депонии.
Вчера градските власти посочија дека наталожениот отпад не може наеднаш да се исчисти.
На „триумфална“ прес-конференција, директорката на „Комунална хигиена“, Косана Мазнева и градоначалничка Данела Арсовска, вчера порачаа дека се справиле со мафијашките структури, кои ги држеле во заложништво и претпријатието и градот.
Кои се тие структури, Мазнева не сакаше да каже поради, како што рече, заштита на личните податоци. Но, ги повика надлежните институции побрзо да постапуваат.
Според неа, блокадата на „Комунална хигиена“ ја направила помала група на вработени, потпомогнати од група луѓе кои воопшто не биле вработени таму.
Арсовска, пак, отиде и чекор понатаму и рече дека фатиле луѓе кои живеат и работат во Германија, а земаат плата од претпријатието.
Таа уште во неделата вечерта, по седницата на Кризниот штаб, „мафијашки структури“ ги нарече лица кои, според неа, повеќе од 15 години работеле само трета смена во претпријатието, спротивно на Законот и колективниот договор.
„Сакам да ви покажам еден документ на кој може да видите една фамилија како во ‘Комунална хигиена’ има вработено сè што му е род до шесто колено. Од една фамилија има над 40 вработувања, од втора фамилија има над 30 вработувања и овие мафијаши повеќе нема да бидат толерирани во Град Скопје“,
кажа Арсовска.
Списокот подоцна проструи на социјалните мрежи, а на него доминираше презимето Дардишта.
Избрканиот синдикалец од „Комунална хигиена“, Дели Дардишта, во изјава за „Макфакс“ ги потврдува тврдењата на Арсовска дека дел од неговата фамилија е вработена во претпријатието. За него ова не е спорно и посочи дека сè е законски.
За изјавата на Арсовска дека фамилијата има вработено сè што им е род до шесто колено, тој посочува: „Што да коментираш, таа може што сака да каже.“
„Вистина е дека ние сме големо семејство, но секој има своја куќа, секој си живее со своите деца. Ние сме со генерации тука, не е дека некој вчера ги вработил луѓето. Имаме луѓе со по 40 години стаж, овде што работат… Гледам мафијаши, ѓубре товариме, а мафијаши. Имаат право да нѐ обвинат за сѐ кога луѓето работат 365 дена, а не добиваме ни денови за одмор. Нека им служи на чест“,
изјави Дардишта.
Дардишта е избркан од работа во четвртокот. Од петокот, 7 јули, вработените го блокираа претпријатието, по што во Скопје за три дена никнаа мини депонии на секој агол, а граѓаните реагираа дека не си го препознаваат градот.