Проблемот е сериозен, сè уште гори. Немаме конкретна информација од што настана пожарот. Изби во подрумските простории, каде што се наоѓа дел од архивата. Ние имаме огромна архива низ целиот суд, овде е само дел и таа е зафатена, вели за „360 степени“ претседателката на судот Снежана Манева
Уште чади Основниот суд Куманово, каде што ноќеска по полноќ изби пожар, кој ги зафати подрумските простории со дел од архивата.
Од регионалниот центар за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека вкупно седум пожарникари интервенирале со две противпожарни возила.
Пожарот е локализиран, но една екипа од Територијалната противпожарна единица од Куманово сè уште е на терен.
Причините за пожарот сè уште се непознати.
Претседателката на судот Снежана Манева, во изјава за „360 степени“, вели дека проблемот е сериозен и дека пожарот сè уште не е изгаснат. Претпоставките се дека причината за огнот, најверојатно, е проблем со струјата.
„Проблемот е сериозен, сè уште гори. Немаме конкретна информација од што настана пожарот. Изби во подрумските простории, каде што се наоѓа дел од архивата. Ние имаме огромна архива низ целиот суд, овде е само дел и таа е зафатена. Во овој момент не можам ништо дополнително да ви кажам“,
вели Манева за „360 степени“.