Покрај шефовите на држави или влади на членките на НАТО, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден, на Самитот во Вилнус учествуваат и лидерите на Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја, како и на Европската Унија
Клучните предизвици со кои се соочува Алијансата и натамошните чекори за зајакнување на одбранбените капацитети, но и приближувањето на Украина кон Алијансата ќе бидат клучните теми на кои ќе се осврнат лидерите на земјите членки на НАТО денеска и утре на Самитот во Вилнус.
На Самитот, делегацијата на Северна Македонија ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во нејзиниот состав се и министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Вкупно 48 странски делегации со 2400 членови, вклучувајќи 40 претседатели на држави и влади и над 150 високи официјални претставници се очекува да присуствуваат на дводневниот самит.
Покрај шефовите на држави или влади на членките на НАТО, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден, на Самитот во Вилнус учествуваат и лидерите на Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја, како и на Европската Унија.
Состанок на Северноатлантскиот совет ќе се одржи денеска, на чиј почеток до лидерите на земјите членки на НАТО ќе се обратат генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и литванскиот претседател Гитанис Науседа.
На состанокот освен лидерите на 31 земја членка на НАТО ќе присуствува и Шведска, која е во исчекување да стане 32. членка на Алијансата и чиј прием беше забавен поради приговорите на Турција, која смета дека Стокхолм е премногу мек кон групите кои Анкара ги обвинува дека претставуваат безбедносна закана, вклучително и курдски милитантни групи и поединци поврзани со обидот за пуч во Турција во 2016 година.
Но, по вчерашната средба на Столтенберг со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон на повидок е отворање на процесот.
„Турскиот претседател Ердоган се согласи да го поддржи влезот на Шведска во НАТО“,
изјави Столтенберг по средбата и додаде дека пристапниот протокол се започнува и дека Турција потврдила дека ќе го ратификува влезот на Шведска.
За утре е предвиден состанок на Северноатлантскиот совет на шефови на држави и влади, со Шведска, партнерите од Индопацификот и ЕУ, како и состанок на Советот НАТО-Украина, исто така на ниво на шефови на држави и влади, а и на овој состанок ќе присуствува Шведска.
Планирани се состаноци на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана и министри за надворешни работи.
Освен учество на состаноците на Северноатлантскиот совет, премиерот Ковачевски ќе оствари и билатерални средби со премиерката на Естонија, Каја Калас и премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис.
Во програмата, како што информира владината прес-служба, предвидени се и неформални состаноци на министрите за одбрана и надворешни работи, на кои ќе учествуваат и министерот за надворешни работи Османи и министерката за одбрана Петровска.