Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од градоначалничката Данела Арсовска, а од владејачката СДСМ велат дека неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје создаде досега невиден хаос и градот се дави во ѓубре

Партиските препукувања за преполните контејнери, со кои Скопје и утрово се разбуди, продолжија преку писмени соопштенија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од градоначалничката Данела Арсовска, а од владејачкиот СДСМ велат дека неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје создаде досега невиден хаос и градот се дави во ѓубре.
Од СДСМ преку соопштение велат дека неспособната локална власт на ДПМНЕ во Скопје создаде досега невиден хаос и градот се дави во ѓубре.
„Одговорноста за хаосот е кај Мицкоски и кадрите на ДПМНЕ во Скопје. Неспособните градоначалници на ДПМНЕ во Скопје, со својата неработа и негрижа за потребите на граѓаните се директни соучесници во хаосот со ѓубрето и во нефункционирањето на локалните претпријатија. Истите оние кои ја поддржуваа Арсовска во кампањата, кои заедно со Мицкоски бараа глас од скопјани за неа и за ДПМНЕ, заедно ги создадоа проблемите во Скопје. Секогаш кога ќе добие глас од граѓаните ДПМНЕ се случува хаос и уназадување“,
се додава во соопштението од СДСМ.
Оттаму велат дека ДПМНЕ и нивните неспособни градоначалници не можат да излезат на крај со едно ѓубре, а не градот да се развива.
„Наместо модерно Скопје граѓаните добија загаден град во кој не функционира ниту јавен превоз ниту што било друго. Неработа, неспособност и раце во медот, тоа се одликите на градоначалниците на ДПМНЕ и на Мицкоски“,
додаваат од СДСМ.
Според СДСМ Христијан Мицкоски е директно одговорен за тоа што Скопје се дави во ѓубре.
„Затоа Мицкоски излегува и глуми загрижен, неговото појавување покажува дека знае, негова е одговорноста за хаосот во Скопје со ѓубрето. ДПМНЕ го има мнозинството во советот, управните одбори се сите во нивни рацете. Дури и Мазнева е кадар на Мицкоски, поранешна пратеничка на ДПМНЕ која на директорското место дојде од неговиот кабинет каде беше негова советничка“,
додаваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека неспособноста на Арсовска е закана за масовна зараза во Скопје, а градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и го чистеле ѓубрето.
„Со денови не се собира ѓубрето во Скопје поради неспособноста на Арсовска и градската власт. Вчера, доцна во ноќта екипи формирани од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ со екипи и механизација од градови од внатрешноста помогнаа значаен дел од ѓубрето наталожено со денови да се исчисти од улиците. Но, неспособноста и примитивизмот на Арсовска немаат граница, а тоа се виде кога нејзиниот директор во ЈП ‘Дрисла’ одбиваше да го прими ѓубрето однесено со камиони“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Фрустрациите на Арсовска, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, веројатно одат до таму, што не само што е неспособна, туку не може да се носи со фактот што градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ кои управуваат со далеку помали системи на локална организација успеаја да го решат проблемот кој таа го создаде.
„За фрустрациите и другите состојби на Арсовска и порачуваме, дека не можеме да и помогнеме, за тоа има други институции, но за Скопје е најдобро да си даде оставка, и тоа што побрзо“,
се додава во соопштението.
Градоначалничката на Скопје, по вечерашната седница на Кризниот штаб свикана поради ситуацијата во ЈП „Комунална хигиена“, изјави дека проблемите во претпријатието со политички инструирани од, како што ги нарече, мафијашки и бандитски структури. Зад целата ситуација, според неа, стои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кого го стави во редот „политичари кои се најголемото ѓубре“.
Поради штрајк на вработените во „Комунална хигиена“ контејнерите во Скопје со денови се преполни.
Штрајкот почна пред два дена. Како главна причина тие го наведуваат отпуштањето на дел од работниците во претпријатието. Другите барања се зголемување на платите, исплата на К-15 и бенефициран работен стаж.
Директорката Косана Мазнева доцна синоќа со полициска придружба се сретна со дел од вработените од кои побара да го прекинат протестот и да се вратат на работа. Таа кажа дека состојбата е резултат на политички блокади од поединци за кои поднела кривични пријави.
Градоначалниците на општините во Скопје кои се од редовите ВМРО-ДПМНЕ се самоорганизираат и вечерва ќе почнат со чистењето на сметот кој го „затрупа“ главниот град поради штрајкот на вработените во ЈП „Комунална хигиена“.
Вчеравечер градоначалниците на Кисела Вода и Аеродром, Орце Ѓорѓиевски и Тимчо Муцунски, со камионите натоварени со смет отидоа пред „Дрисла“, каде како што рекоа, не им било дозволено да го истоварат отпадот и покрај тоа што тврдеа дека како општини имаат уредни договори за да влезат во депонијата, тие го истоварија пред депонијата.
Денеска, пак, од јавното претпријатие преку соопштение ги демантираат изјавите на двајцата градоначалници.
Од ЈП „Дрисла“ велат дека договорите на двете скопски општини се истечени уште во март годинава, па затоа, како што велат, се отвора прашањето каде овие општини го фрлале сметот во изминатите месеци ако веќе четири месеци немаат договор, иако единственото предвидено место за одложување отпад во Град Скопје е токму депонијата „Дрисла“, а воедно прашуваат и дали како резултат на немањето договори овие општини создале нови диви депонии?