Генералниот секретар на НАТО рече и дека во Вилнус ќе свика средба со турскиот и со шведскиот лидер, на која ќе се разговара за приемот на Шведска во НАТО
Влегувањето на Шведска во НАТО е на дофат, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по состанокот во Брисел што беше организиран за да се надминат турските приговори за влезот на Шведска во воената алијанса.
„Сега е време Шведска да се приклучи на Алијансата“,
рече тој додавајќи дека е можно позитивна одлука да дојде на самитот во Вилнус следната недела.
Генералниот секретар на НАТО рече и дека во Вилнус ќе свика средба со турскиот и со шведскиот лидер, на која ќе се разговара за приемот на Шведска во НАТО.
„Важно е да имаме позитивен исход следната недела“,
изјави тој за новинарите по состанокот со претставниците на Турција и на Шведска.
Столтенберг го организира состанокот во седиштето на Алијансата со надеж дека ќе постигне напредок непосредно пред самитот во главниот град на Литванија. Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО минатата година, напуштајќи ја повеќедецениската политика на воена неутралност.
Барањето за членство во Алијансата мора да биде одобрено од сите членки на НАТО. Додека Финска доби зелено светло во април, Турција и Унгарија допрва треба да го одобрат влезот на Шведска. Стокхолм и понатаму се надева дека ќе добие одобрение од Турција за влез во НАТО на самитот следната недела, но вели дека одлуката е на Анкара.
„Се надеваме и очекуваме позитивна одлука следната недела“,
изјави шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром во Брисел.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вели дека Шведска е засолниште за членови на милитантни групи, главно поддржувачи на Курдистанската работничка партија (ПКК), која тој ја обвинува за организирање протести и финансирање терористички групи.
Шведска соопшти дека ги исполнила барањата договорени во разговорите со Турција, вклучително и воведувањето нов закон што го прави незаконско членството во терористичка организација.