Премиерот Димитар Ковачевски порача дека ја поддржува идејата на ЕУ за испраќање оценска мисија за работата на Судскиот совет. Тој додаде дека не е првпат, и во минатото, како што рече, имало оценски мисии на ЕУ, а за оваа тема разговарал со евроамбасадорот Гир пред година и половина.
„Добро е што во рамките на соработката што ја имаме со ЕУ, сега ќе можат да организираат процес на една таква мисија за да ги проверат сите информации во врска со функционирањето на Судскиот совет и потоа да ги споделат и со Европската комисија и со нашите политички актери кои немаат субординација врз судството, и врз основа на тоа да бидат предложени соодветни реформи што ќе ја унапредат работата на правосудните органи во државата. Така што, ако ме прашувате конкретно дали ја поздравувам – ја поддржувам, “
кажа Ковачевски на денешната прес-конференција.
Вчера евроамбасадорот Дејвид Гир најави дека ЕУ испраќа оценска мисија во земјава по низата скандали и превирања во Судскиот совет. Гир појасни дека се работи за советодавна група, која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои Европската Унија може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.
„Ги следиме случувањата во Судскиот совет одблиску и со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога – да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина многу загрижувачки“,
рече Гир во гостување на ТВ Телма.