Работиме секој ден и на секоја средба да ги доближиме позициите и мора да кажам дека во оваа фаза, иако во разни моменти имаме различни ставови или погледи за одредени прашања, има атмосфера и волја од сите страни да дојдеме до решение со синдикатите за покачувањето на платите во јавниот сектор, вели министерот Бесими
Бесими вели дека разговорите се во тек и не може сите аспекти во детали да се објават затоа што не се целосно усогласени, но според него има согласност и може Северна Македонија да биде прва држава во светот што ќе ги индексира платите во јавниот сектор со просечната бруто плата

Барањата на јавниот сектор и синдикатите се легитимни затоа што тие се борат за одржување на животниот стандард што го имале пред инфлацијата, но и ние исто така се залагаме за тој животен стандард, вели министерот за финансии Фатмир Бесими кој утре треба да има средба со синдикатите како дел од Економско-социјалниот совет, а на која треба да ги приближат ставовите и да изнајдат заедничко решение за зголемување на платите во јавниот сектор.
„Има неколку работи што се испреплетени со кризата, посебно кога зборуваме за инфлацијата. Таа е феномен кој носи многу предизвици, а друг момент е и инфлационата спирала. Тука барањата на синдикатите се легитимни, зашто тие се борат за одржување на животниот стандард пред инфлацијата. И ние за тоа се залагаме, но разговараме со нив за чекор понатаму. Разговорите се во тек, не можеме сите аспекти во детали да ги објавиме, затоа што не се целосно усогласени, но генерално, начелно сме согласни и ќе бидеме прва држава во светот што ќе ги индексира платите во јавниот сектор со просечната бруто плата. Има примери со инфлација и со минимална плата, а со просечна бруто плата што е во интерес на вработените можеби ќе бидеме први што користиме ваков модел. Еден предлог е дека март 2025 целосно ќе биде, но очекуваме процесот да се заокружи“,
истакна министерот Бесими во вечерашното интервју за ТВ Сител.
Според Бесими во разговорите со синдикатите има, како што рече, атмосфера и волја да се дојде до решение, но тоа, напомена тој, мора да биде здраво, системско и одржливо.
„Работиме секој ден и на секоја средба да ги доближиме позициите и мора да кажам дека во оваа фаза, иако во разни моменти имаме различни ставови или погледи за одредени прашања, има атмосфера и волја од сите страни да дојдеме до решение. Секако различни позиции презентираме, но тоа што е важно во период на инфлација, кога се бориме од сите аспекти да ја сузбиеме, и динамиката на раст на платите да може да помогне во тој процес затоа што на крај на денот тоа што ќе биде резултат е колку реално ќе расте платата“,
рече Бесими.
На прашањето како да се има ефикасна јавна администрација кога тие бараат повисоки плати, Бесими вели дека тоа е едно од прашањата за кои се разговара затоа што, како што рече, и административците се граѓани кои бараат јавни услуги.
„Тука и претставниците на синдикатите се свесни, сите сакаме да постигнеме ефикасна админситрација, но треба да се прави баланс – колку расте реалната економија кај нас, колку расте конкурентноста во стопанството и колку тоа може да го придвижи растот, ако стопанството или економијата не расте, може да разговараме цел ден колку ќе биде платата во однос на просечната плата, но ако платата не расте, колку и да ставиш коефициент, ќе стагнира. Ни треба ефикасна, професионална админситрација која ќе биде поддршка на стопанството, покрај другите развојни фактори, за тоа да се раздвижи и да расте побрзо. Тоа се врзани садови и во тој дел, ако поставиме здрав систем, здраво системско решение, ќе направиме основа за во иднина, децениски, да имаме етаблиран систем кој ќе донесе и поквалитетен јавен сектор“,
додаде Бесими.
Во врска со барањата на вработените од УЈП да имаат 30 отсто повисоки плати, Бесими очекува дека ќе се најде решение.
„Тоа е во однос на новиот закон кај нив и спецификите зашто генерално, и инспекциските и безбедносните служби во УЈП, во Царинската управа, финансиските служби, имаат друг систем на вреднување или оценување на бодови. Сега со синдикатите решаваме динамика на плати општо во јавниот сектор каде на крај и тие ќе бидат вклучени. И таму се водат разговори со посредник, медијатор, мислам дека ќе стигнеме до некое разбирливо решение, да имаме квалитетна админситрација и јавен сектор за граѓаните и стопанството“,
рече Бесими.
Министерот вели дека средствата во буџетот се реализираат според планот, а во него се обезбедени и 225 милиони евра за антикризни мерки кои стојат како резерва.
„Досега, тоа што го имавме планирано, го реализираме. Во однос на приходи и расходи сме блиску до 50 отсто, во однос на дефицитот сме на 55 отсто зашто капиталните расходи годинава имаат значително поголем раст и во однос на лани за 1,5 пати имаме поголем степен на реализација, над 45 отсто во оваа фаза. Се уште сме во планот, сметаме дека до крајот на годината ќе остане во рамките на планот, може да има во септември евентуално, ако се покаже потреба, и тоа е, во вакви улсови на кризни ситуации може, ако има потреба, да се редефинираат работите. Во Буџетот имаме обезбедено и 225 милиони евра за антикризни мерки кои ни стојат како резерва, веќе 60 милиони имаме исплатено за ЕСМ во однос на субвенции за цената на струјата. Останува уште простор за поддршка до крајот на годината за потребите на граѓаните и стопанствтоо кои се најпогодени од инфлацијата и енергетската криза“,
истакна Бесими.