Опозициската партија Алтернатива бара да се истражат наводите за корупција на семејството на Али Ахмети со обвинување дека секој ден има нови индиции за криминалот и корупцијата на високите функционери на ДУИ и членовите на нивните семејства, а истражните органи, како што велат, продолжуваат да молчат пред силните сомнежи за можна злоупотреба на милиони евра.
„Бараме правосудните органи да ги истражат сите индиции и да го докажат потеклото на имотот на оваа династија, создадено на грбот на проблемите на Албанците. Се чини дека ДУИ била добро обучена за време на режимот на Груевски. Тогаш беа Груевски и фамилијата, сега се Ахмети и фамилијата, Груби и фамилијата, Мерко и фамилијата. Како ДУИ да беше огранок на ’Коза Ностра“, а не политичка партија“
наведуваат од Алтернатива.
Стана јасно каков беше гласот на раководството на ДУИ за ветинг – политичката измама на векот, велат од Алтернатива и обвинуваат дека целта била да се сокрие богатењето на семејствата на ДУИ, со истражување на имотот на сите други, освен нивниот.
„Овие индиции за корупција, спротивно на вредностите на ЕУ и НАТО, се најсилната потврда дека предлог-уставниот амандман на Алтернатива ја удира во срце политичката корупција на високо ниво. Кога ќе овозможиме кривичните дела вршени од избраните и именуваните лица никогаш да не застарат, тогаш ќе бидеме сигурни дека нема спас дури и за оние кои можат привремено да влијаат врз одлуките на истражните органи. Едно е сигурно: „Кралот е гол“, додека Албанците веќе гласно зборуваат за ова“,
велат од Алтернатива.