Се активираат процедури што ќе овозможат завршувањето на изградбата на новиот објект на Клиничка болница – Штип да се одвива со засилена и прецизно утвдена динамика, соопшти Владата по денешната седница. Оттаму информираат дека бил разгледан Договорот за изведба и усвоиле решение со кое динамично ќе се заврши изградбата на новиот објект на болницата, согласно законските процедури.

Од Владата додаваат дека задолжени се Министерството за здравство, проектната единица и надзорот да подготват „Проект на изведена состојба“, односно пресек на досега изведените работи, во рок од 42 дена. Задолжена е Проектната единица, по направениот пресек на состојбата, во соработка со Бирото за јавни набавки, да подготви нова, тендерска документација и биде објавена јавна набавка во рок од 30 дена.
„Целта е, граѓаните на Штип и вработените да добијат во најскоро време клиничка болница по современи стандарди, посебно што во Клиничката болница работи, како што е соопштено од Министерството за здравство, високо стручен медицински кадар и во болницата се лекуваат граѓани и од поширокиот источен регион“
се наведува во соопштението.

На денешната владина седница усвоен е и извештајот за извршени преговори со Република Косово за заеднички гранични премини: „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце – Глобочица“, а прифатен е и усогласениот текст на Договорот помеѓу двете влади, за воспоставување на овие два заеднички гранични премини.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, е определен во име на Владата на Република Северна Македонија да го потпише Договорот.
„Целта на склучувањето на овој Договор е воспоставување заеднички гранични премини: „Јажице – Глобочица“ – за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила, влез и излез на товарни моторни возила и „Блаце – Елез Хан“ – за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила и стоки“
велат од Владата.