Шансите за заразување или пренесување на вирусот при допир на контаминирани површини се многу мали, вели вирологот Хендрик Стрик од Универзитетот во Бон
Не е докажано дека постои ризик од заразување со новиот корнавирус при купување на производи во супермаркетите, во рестораните или во фризерниците, покажува најновата студија на директорот на Институтот за истражување на ХИВ и вирологија при Универзитетот во Бон, Хендрик Стрик. Тој спровел истражување кое покажува дека вирусот се пренесува во многу блиски физички контакти.
Како што пренесе РТЛ, во последните неколку недели, неговиот тим заврши значително истражување спроведено преку анкети и испитувања низ домаќинствата во Хајнсберг, каде беа регистрирани повеќе од 1.400 потврдени случаи на ковид-19.
Во овој регион има приближно 250.000 жители и досега се потврдени 46 смртни случаи поврзани со коронавирус.

„Нема значаен ризик од заразување со болеста кога одите на шопинг. Појавата на инфекцијата секогаш била резултат на тоа кога луѓето биле во близок физички контакт во подолг временски период. Како на пример, забавите во Ишгл во Австрија“,
вели Стрик.
Тој појаснува дека од земените примероци од различни површини досега не успеале да лоцираат „жив“ примерок на вирусот кој би можел да заразува. Тој верува дека шансите за заразување од контаминирани површини се многу мали.
„За да може да се заразите така, неопходно е некој да кашла во својата дланка и веднаш да ја допре површината, а потоа во истиот момент друга личност да ја допре истата површина, па да го пипне своето лице“,
појаснува Стрик.
Хајнсберг сега ќе биде центар за спроведување на друга студија, која оди подлабоко, со цел дополнително да процени како се шири вирусот. Студијата ќе следи репрезентативен примерок од 1.000 луѓе.
„Резултатите од оваа подетална студија ќе може да послужат како основа за препораки за национални стратегии“,
додава Стрик.