Покрај ексминистерката, викенд-отсуство добија уште четири жени затворенички од „Идризово“, согласно измените на Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е меѓу петте жени затворенички од затворот „Идризово“ кои добија дозвола за користење на правото на викенд-отсуство.

Ваквите погодности, како што информира директорот на затворот Зоран Јовановски, е согласно измената на Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи, а се користат по потреба и по барање на затвореничките.
„Одобрен е за пет жени. Привилегиите ги користат по потреба, на нивно барање“,
потврди директорот на „Идризово“ за МИА.
Со измените на Правилникот за распоредување, класификација и разместување, донесен од страна на Министерството за правда и Управата за извршување санкции, затвореничките ги добија истите погодности како и машките затвореници од затворот „Идризово“. Измените беа воведени откако Антидискриминациската комисија утврди дека затвореничките во овој затвор се дискриминирани.
Инаку, ексминистерката за внатрешни работи ја издржува четиригодишната затворска казна од септември 2020 година откако беше правосилно осудена во случајот „Тенк“ за набавката на владиниот луксузен „мерцедес“. Во истиот случај е осуден и експремиерот Никола Груевски, кој избега во Унгарија.
Сопругот на Јанкулоска, Влатко Илиевски, кој воедно е и нејзин адвокат, во гостување во емисијата „360 степени“ во март годинава изјави дека таа е во одлична психофизичка состојба и дека, како што кажа, достоинствено и стоички се справува со сите малтретирања и дискриминации.
