Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, демантира дека постојат несогласувања во партијата околу уставните измени. Одговарајќи на забелешката на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за постоење идеолошка линија во ВМРО-ДПМНЕ кај која преовладува разумот и сака да ја стави Македонија на брза патека кон ЕУ, Ковачки подвлекува дека се работи за класична манипулација.
„Бујар Османи се обидува да ја дефокусира македонската и меѓународната јавност од криминалот што го откриваме деновиве за кој тој молчи и не се произнесува за криминалот на неговиот шеф, односно за кланот Ахмети туку се обидува да ја дефокусира јавноста со работа која е затворена. Нашиот претседател многу јасно кажа дека избори се единственото решение. Тоа дали има линија од ИК која ги убедувала пратениците мислам дека е крајно несериозно да се тврди затоа што сите ние многу добро знаеме кои се нашите ставови и дека ќе опстоиме на нашите ставови“,
вака пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Корупцијата и криминалот, приоритет на власта на ДУИ и СДС“ ја коментира изјавата на Бујар Османи дека во ВМРО-ДПМНЕ има линија која е за уставни измени.
