Поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев смета дека главен предизвик на патот кон ЕУ не се уставните измени туку борбата против организираниот криминал и корупцијата. Сè друго, според него, е замајување и дефокусирање на јавноста од вистинскиот проблем. На денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ насловена како „Корупцијата и криминалот, приоритет на власта на ДУИ и СДС“, Чулев нагласи дека во периодот кога раководел со МВР успеал да отвори и да поднесе неколку кривични пријави за висок степен на корумпираност и криминалитет.
„Се работи за кривично дело за изнуда. На фирмата која го доби тендерот за ископ на јаглен во РЕК ‘Битола’, тогашниот директор Васко Ковачевски побарал да и отстапи дел од ‘колачот’ на друга фирма подизведувач која немала технички средства за тоа или да плати поткуп во износ од 250 000 евра. За овој случај свои потписи ставија двајцата началници на Одделот за организиран криминал и корупција во МВР, односно Лазе Велковски, началник назначен од Оливер Спасовски и началникот што јас го назначив. Значи, целосно законски, двајцата началници констатираа висока форма на корупција во случајот. Меѓутоа, до денес Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција сè уште постапува по случајот и нема никакви резултати, а поминаа веќе речиси четири години од тој случај“,
појасни Чулев.

Како примери во кои тој се обидел да расчисти со криминалот и со корупцијата во Министерството, Чулев говореше за кривичните пријави што го доставил за набавката на обрасци за пасоши и за чизми за потребите на МВР.
„МВР беше оставено во незавидна позиција, немаше обрасци за патни исправи и во тој случај беше поднесена кривична пријава заради тоа што обрасците беа набавени без тендерска постапка во износ од 7 милиони евра меѓутоа со Анекс на договорот беше покачена таа сума дури за 5 милиони евра. И исто така беше набавен хардвер без да се набави софтверска опрема. Друг случај беше набавката на чизми за потребите на МВР, при што самата комисија на МВР констатира дека набавените чизми не ги исполнуваат техничките услови од спецификацијата односно беа со исклучително лош квалитет“,
укажа Чулев.
Тој напомена и непостапување на ОЈО и отфрлање на случаи кои беа со изборни нерегуларности уште не се процесирани и нема конкретни одлуки од страна на ОЈО по однос на кривично дело 162, а тоа е поткуп при избори и гласање. Тоа е случајот кога СДС ги уценуваше граѓаните да гласаат за нив.
„Корупцијата метастазира во сите сфери во општеството, посебно во органите на прогонот и оние органи што треба да го спроведуваат законот“,
нагласи Чулев на трибината организирана од ВМРО-ДПМНЕ.
