Останките за кои се верува дека се човечки, како што пренесува Би-би-си повикувајќи се на соопштение на крајбрежна страна на САД, ќе бидат анализирани од американски медицински професионалци
Американската крајбрежна стража верува дека се пронајдени човечки останки меѓу остатоците од туристичката подморница „Титан“ кои беа извлечени вчера од длабочините на Атлантикот по трагедијата во која животите ги загубија пет лица.

Парчиња од подморницата која имплодира при нурнување водите на Атлантскиот Океан, во она што требаше да претставува обиколка на остатоците на потонатиот брод „Титаник“, вчера беа извлечени и истоварени на пристаништето во Сент Џонс во Канада.
Според официјални претставници, биле пронајдени рамката за слетување и задниот капак на туристичката подморница.
Останките, за кои се верува дека се човечки, како што пренесува Би-би-си повикувајќи се на соопштението на крајбрежната стража, ќе бидат анализирани од американски медицински професионалци.
Инаку, истрагата за причините за катастрофата е сè уште во рана фаза. Како што е соопштено, Поморскиот одбор за истраги на крајбрежната стража на САД ќе ги пренесе остатоците, кои сега имаат третман на докази, до американското пристаниште за понатамошна анализа и тестирање.
Шефот на Поморскиот одбор за истраги, капетанот Џејсон Нојбаер, изјави дека претстои уште многу работа додека се откријат факторите кои довеле до катастрофалната загуба на „Титан“, како и да се преземат мерки кои треба да превенираат да не се повтори слична трагедија во иднина.
„Благодарен сум за координираната меѓународна и меѓуагенциска поддршка за враќање и зачувување на овој витален доказ од екстремни морски растојанија и длабочини“,
рече капетанот Нојбаер, пренесува британскиот национален сервис.
Инаку, официјални претставници кои се вклучени во потрагата по подморницата првично беа скептични во врска со изгледите за извлекување на некое од телата на загинатите петмина членови на екипажот на „Титан“.
„Станува збор за неверојатно околина таму долу, која не простува“,
рече администраторот на крајбрежната стража Џон Могер, откако беше потврдено исчезнувањето на подморницата.
Капетанот Џејсон Нојбаер вчера изјави дека истражителите ќе ги преземат сите мерки на претпазливост доколку откријат човечки останки и дека истрагата најверојатно ќе вклучи и „формално сослушување сведоци“.
Во трагедијата на „Титан“ загинаа пет лица загинаа, меѓу кои и тројца британски државјани, кога подморница претрпи катастрофална имплозија додека се обидуваше да се спушти до остатоците од „Титаник“.
Потрагата по исчезнатата подморница започна на 18 јуни, а делови од остатоците беа пронајдени на околу 487 метри од остатоците на „Титаник“, пет дена подоцна на длабочина од околу 3 800 метри.
Туристичката подморница исчезна во близина на потонатиот брод „Титаник“ во средината на Атлантикот, а целосен траг беше изгубен еден час и 45 минути по нурнувањето.
Станува збор за подморница која може да се спушти на длабочина од 4 000 метри. Нејзините димензии се 670 сантиметри должина, 280 сантиметри висина и 250 сантиметри широчина. Може да обезбеди поддршка од 96 часа за петчлена екипа. Се движи со брзина од околу 3,5 милји на час, односно 5,6 километри на час.
Освен за носење нуркачи до потонатиот брод „Титаник“, подморницата се користи за истражување и инспекција на локацијата, истражување и собирање податоци, филмска и медиумска продукција и тестирање хардвер и софтвер на длабочина.