Од 24 март во Шпанија денеска е регистриран најмал број жртви во еден ден – 605 лица. Бројка, која иако е висока, за владата во Мадрид покажува тренд на опаѓање
Во Шпанија, од коронавирусот денеска починаа уште 605 лица, што иако е висока броја, тоа е најмал број на жртви во еден ден од 24 март до денес, соопшти Министерството за здравство.
Раководителката на владината здравствена служба Марија Хозе Сиера оцени дека ова значи дека кривата конечно почнува да се исправа и дека трендот на опаѓање продолжува.
„Кривите на починатите и болните полека почнуваат да се исправаат, иако сè уште има многу случаи на починати и болни“, додаде таа.
Досега починале вкупно 15.843 пациенти, со што Шпанија е трета во светот по САД со 16 772 жртви и 18 279 во Италија.
Денеска се заразени нови 4 576 лица, а вкупниот број на инфицирани достигна 157 022. Тој трипроцентен дневен пораст е најмал од појавата на вирусот во Шпанија.
Шпанскиот Парламент вчера одобри продолжување на вонредната состојба до 26 април, но премиерот Педро Санчез рече дека тогаш, најверојатно, ќе побара дополнително продолжување до средината на мај со цел коронавирусот да се сузбие до крај.