Струшкиот градоначалник беше ставен на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, бидејќи присвоил средства и се мешал во судски и во други јавни процеси

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко трет ден не коментира јавно за тоа што во вторникот попладне заедно со неговото семејство беше сместен на „црната листа“ на САД.
Новинарски екипи од неколку телевизии денеска јавија дека Мерко доаѓа на работа во општинската зграда, но не сака да коментира пред медиумите.
Камерите денеска успеале да го „уловат“ како со уште едно лице стои на балконот од општинската зграда, кратко разговараат и потоа повторно влегуваат внатре.
Опозициските партии, пак, бараат оставка.
Неговата матична ДУИ, пак, вчера соопшти дека Мерко барал, а раководството прифатило да се замрзнат неговите партиски функции додека не завршат истрагите за него, како и дека партијата ја прекинува изборната активност во Струга. Од ДУИ исто така побараа институциите веднаш да започнат сеопфатна истрага.
Мерко беше ставен на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, бидејќи присвоил средства и се мешал во судски и во други јавни процеси.
По објавата од Стејт департментот, Судскиот совет најави дека ќе формира комисија која во Основниот суд во Струга ќе провери дали струшкиот градоначалник се мешал во судски постапки.
Јавното обвинителството објави листа од шест активни предмети кои во моментов се водат за струшкиот градоначалник и најави дека ќе проверува дали Мерко влијаел во некој од нив, односно дали има неажурно и непрофесионално постапување од обвинителите. Исто така, ќе се проверуваат и предметите што веќе се затворени.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), пак, денеска порачаа дека немаше да има потреба од толкава бура во јавноста доколку Јавното обвинителство, Судскиот совет, Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции си ја вршеле работата и постапувале по иницијативите кои изминатите години ги покренале антикорупционерите.
