„Сакаме да го дополниме и зацврстиме образложението на иницијативата коешто беше навистина добро составено од работната група, но Владата ќе стави дополнителни аргументи околу процесот на преговори со ЕУ и околу значењето на иницијативата во процесот на преговори со ЕУ и ќе ја доставиме до Собранието“, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на конференција во МАНУ посветена токму на евроинтеграциите
Владата со дополнителни аргументи ќе го зацврстува образложението на иницијативата за уставните измени пред да го испрати во собраниска процедура, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Иако се очекуваше иницијативата за уставни измени неделава Владата да ја испрати во Собранието, премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека таа се наоѓа на техничка работа во службите и потоа ќе биде доставена до Собранието.
Вицепремиерот за европски прашања, денеска одговарајќи на новинарски прашања за тоа до каде е процесот се уставните измени и дали навреме ќе се стигнат роковите за нивно донесување, како услов за продолжување на процесот на евроинтеграциите, рече дека неговите очекувања се Владата да процени кога е најдобар момент за да ја пушти иницијативата во Собрание.
Тој информира дека имале и неколку консултативни средби со самата работна група која работеше на текстот на иницијативата.
„Ние рековме повеќепати дека би сакале во текот на летото да ги испратиме амандманите во Собранието, крајниот рок за завршување на комплетната процедура знаеме дека е крајот на ноември. Почетниот краен рок би требало да биде летото, значи најдоцна во текот на јули да ги испратиме доколку сакаме да стигнеме во ноември со сите рокови. Има, секако, можност за политички процес кој сакаме да профункционира и апелираме секој ден до опозицијата да го обновиме и да го продолжиме дијалогот. Од друга страна, сакаме да го дополниме и зацврстиме образложението на иницијативата коешто беше навистина добро составено од работната група, но Владата ќе стави дополнителни аргументи околу процесот на преговори со ЕУ и околу значењето на иницијативата во процесот на преговори со ЕУ и ќе ја доставиме до Собранието“,
рече Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на конференција во МАНУ на тема „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“.
Во однос на дијалогот со опозицијата, вицепремиерот рече дека според него на ВМРО-ДПМНЕ треба да ѝ се дадат уште неколку дена, иако е јасно, додаде тој, дека од партијата немаат намера повторно да седнат на маса.
„Нашата врата ќе остане отворена за дијалог и мислам дека ќе продолжи можноста за дијалог и кога ќе влезат уставните амандмани во Собранието затоа што процедурата трае, до првото гласање сигурно има 30 дена, броевме календарски од поднесувањето на иницијативата до првото гласање. Ние имавме јасен став од опозицијата дека тие не се против внесувањето на Бугарите во Уставот, но под одредени услови. Ние ги повикуваме да разговараме за условите, за условите коишто се реални и кои можеме да ги направиме и тука навистина сме подготвени да бидеме и отворени и великодушни. Не, секако за оние услови кои се нереални и кои се надвор од моќта на Северна Македонија, на нашите институции и на нашите политички фактори. Така што се надевам дека ќе преовлада разумот кај опозицијата. Ние ќе продолжиме да се обраќаме и до водството на опозицијата и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и до секој пратеник“,
кажа Маричиќ.
Вицепремиерот се осврна и на обвинувањата кои доаѓаат од опозицијата дека власта врши притисок врз пратеници за да ги поддржат уставните измени за внесување на Бугарите и други народи во Преамбулата на Уставот. Според Маричиќ, никој не врши притисок врз пратеници и таквите тврдења ги оцени како несериозни.
„За жал ВМРО-ДПМНЕ ја има таа тенденција да тврди дека некој некого притиска. Знаете, тоа беше приказната и зошто не можат во парламент да ја срушат владата и да предизвикаат вонредни избори, секогаш се вадеа на некаков притисок. Секој пратеник е слободен да одлучува и никој не може да му врши притисок. Никогаш не сум вршел притисок на некого, ниту некој друг вршел. Должност ни е да разговараме да ги изнесуваме сите аргументи и да бидеме во дијалог. Не мислам дека дијалогот треба да биде заменет со притисок, но не треба, пак, ниту дијалогот да биде заменет со шпекулации. Треба да го воспоставиме дијалогот и јас разговарам и ќе разговарам со секого затоа што тоа ми е должност како официјално лице на Владата и од тоа нема никогаш да се откажам затоа што тоа е дел од мојата работа“,
рече Маричиќ.
Во овој контекст тој се осврна на наводите на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која во гостување на ТВ Алфа деновиве рече дека притисокот врз пратеник во однос на уставните измени е кривично дело.
„Маричиќ се заборава дека припаѓа на законодавната власт, додека пратениците припаѓаат на извршната власт, што значи дека пратениците можат да го свикаат него да одговори на одредени прашања, а не тој нив. Инаку, притисок врз пратеник е кривично дело и тоа треба да го знае како член на Владата“, рече Мизрахи во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.

Во врска со наводите на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Маричиќ денеска изјави:
„Не ми е јасно, затоа што пратеничката Мизрахи ме прозва, зошто треба да се врши притисок на пратеник кој се декларира дека е дел на еврејската заедница за предлогот со кој треба токму еврејската заедница да стане дел од Преамбулата на Уставот. Зарем е потребно јас и некој друг да врши притисок? Нашиот предлог ќе го содржи и тој дел еврејската заедница да се најде во Преамбулата“
