Во однос на тоа дека изготвувањето на наставните програми за шесто одделение е задоцнето, директорот на Бирото за развој на образованието Зекирија Хасипи вели дека за тоа не чувствува одговорност со образложение дека сè е работено согласно процедури

Се прават напори учениците кои следната учебна година ќе бидат шесто одделение да ги добијат учебниците навреме, односно на 1 септември, но тоа е неизвесно.
Во однос на тоа дека изготвувањето на наставните програми за шесто одделение е задоцнето, директорот на Бирото за развој на образованието (БРО), Зекирија Хасипи, вели дека за тоа не чувствува одговорност со образложение дека сè е работено со запазување на процедури.
„Не чувствувам одговорност. За изработка на наставни програми има процедури, правилници и според нив имаме постапено навремено. Откако се подготвија работните групи, повторно се ангажира второстепена комисија за разгледување евентуално да не има некои пропусти во тие наставни програми и потоа конечната верзија ја доставивме до Министерството. Не може сите програми одеднаш да се изработат, но поединечно доставуваме до МОН. Мислам дека ако постапката за печатење на учебници оди по сите процедури, можеби не на 1 септември, туку на 2 или 3 учебниците ќе бидат готови“,
рече Хасипи.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, вели дека се прават сите подготовки за учебниците да бидат готови до 1 септември.
„Наставните програми за шесто одделение од страна на Бирото за развој на образованието се доставени до Министерството за образование и наука во март. Некои од наставните програми за трето одделение се доставени во ноември претходната година. Затоа со учебниците за трето одделение сме во напредна фаза, а со наставните програми за шесто одделение сме во трка да го стигнеме 1 септември. Се прават сите подготовки за учебниците да бидат готови до 1 септември“,
рече денеска Шаќири пред почетокот на дебатата за промоцијата на анализата „Политичко образование во Северна Македонија“, во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Претседателскиот центар за политичко образование ПЦПО.
Што се однесува до предметот географија за 7 и 9 одделение, министерот Шаќири вели дека оваа година за сите предмети за кои ќе имаат барање училиштата ќе бидат доставени учебници.
„Ако станува збор за учебници за кои е формирана комисија заради некои проблеми и веќе не се во образовниот процес, мислам дека со препораките од Бирото за развој на образованието за тие наставни програми се реализира наставата според материјалите што даваат препорака како да се учат тие предмети од страна на Бирото за развој на образованието“,
додава Шаќири.
Голем дел од учениците, кои минатата година беа петто одделение, добија учебници на неколку недели пред крајот на учебната година 2022/2023.