Според американската крајбрежна стража, канадскиот авион регистрирал звуци на удари во интервали од 30 минути во областа на пребарување кои наведуваат на потенцијална надеж за преживеани
Кратко по полноќ по локално време, на канадскиот остров Њуфаундленд, се појавиле првите извештаи кои упатуваат на потенцијални знаци на надеж во потрагата по подморницата „Титан“ за обиколка на остатоците на бродот „Титаник“, која со петчлен екипаж пред три дена исчезна во водите на северниот Атлантик.

Два американски медиуми објавија протечени извештаи испратени до Министерството за внатрешна безбедност на САД, според кои канадски авион детектирал подводни звуци на удари во интервали од 30 минути кои доаѓале од областа каде што американски и канадски спасувачки екипи трагаат по исчезната подморница.
„П8 (поморското летало) регистрира звуци на удирање во областа на секои 30 минути. Четири часа подоцна беше распореден дополнителен сонар и сè уште се слушаше удирање“,
пренесува Би-би-си.
Во меѓувреме и американската телевизија објави информација за детектираните подводни звуци.
„Се слушнаа дополнителни акустични повратни информации кои ќе помогнат во векторирање на површинските средства и исто така укажуваат на надеж за преживеани“,
се вели извештајот на Си-ен-ен.
Еден час по пишувањето на медиумите, американската крајбрежна стража утрово соопшти дека канадски авион открил подводни звуци во потрагата по подморницата.
По ова дошло до преместување на масовната операција за пронаоѓање на подморницата, која во неделата по локално време изгуби контакт со нејзиниот матичен брод „Полар принц“ (Polar Prince), еден час и 45 минути откако нурна на дното на Атлантскиот Океан.
Досегашната потрагата не даде резултати, а како што беше кажано на прес-конференција вчеравечер, екипажот на малата подморница има резерви на кислород за уште 40 часа.
Спасувачките екипи се во трка со времето бидејќи дури и во најдобри околности подморницата може да остане без кислород в четврток наутро, наведува Асошиејтед прес (АП).
Покрај флотата од меѓународни бродови и авиони, во потрагата е вклучен и подводен робот, кој врши пребарување во близина на остатоците на потонатиот брод „Титаник“. Исто така, се прават напори да се донесе спасувачка опрема на местото во случај подморницата да биде пронајдена.
Капетанот Џејми Фредерик од американската крајбрежна стража на прес-конференција еден ден претходно изјави дека нивните мисли и молитви се со семејствата на петте члена на екипажот на подморницата „Титан“ и дека тимовите, вклучително и крајбрежната стража на САД, американската морнарица и Канада, работат без престан.
Тој изјави дека спасувачките екипи пребарале површина од над 19 000 квадратни километри.
Според информациите што семејствата ги објавија на мрежите, меѓу патниците се и британскиот милијардер и авантурист Хамиш Хардинг и пакистанскиот претприемач Шахзада Давуд со својот син Сулејман.
Експедицијата до остатоците на „Титаник“ ја организира компанијата „Оушнгејт експедишнс“, која е со седиште во САД и наплаќа по 250 000 долари за своите патувања.
За каква подморница станува збор
Како што ја опиша британскиот национален сервис, станува збор за подморница за пет лица, која може да се спушти на длабочина од 4 000 метри.
Нејзините димензии се 670 сантиметри должина, 280 сантиметри висина и 250 сантиметри широчина. Може да обезбеди животна поддршка од 96 часа за петчлена екипа. Се движи со брзина од три јазли – околу 3,5 милји на час, односно 5,6 километри на час.
Освен за носење нуркачи до потонатиот брод „Титаник“, подморницата се користи за истражување и инспекција на локацијата, истражување и собирање податоци, филмска и медиумска продукција и тестирање хардвер и софтвер на длабочина.
Опремена е со интегрирана платформа од која подморницата се лансира и се враќа пред и по секое нуркање.