Предлог-иницијативата за уставните измени ќе биде разгледувана откако службите ќе ја подготват, а за тоа кога ќе дојдат на дневен ред на седница на Влада, премиерот вели дека навреме ќе дадат информација

Предлог-иницијативата за уставните измени, со која Бугарите и други народи треба да се внесат во Преамбулата на Уставот нема да се разгледуваат на денешната владина седница, потврди денеска премиерот Димитар Ковачевски. Иако министерот за правда Кренар Лога вчера најави дека најверојатно предлог-иницијативата за уставните измени ќе биде разгледувана на денешната владина седница, Ковачевски негираше и рече дека тие ќе се разгледуваат откако службите ќе ги подготват, а за тоа кога ќе дојдат на дневен ред, премиерот вели дека навреме ќе дадат информација.
Во однос на обвинувањата дека се вршат притисоци врз пратеници од опозицијата за да се усвојат уставните измени, Ковачевски демантираше дека такво нешто постои кон бил кој пратеник од било која политичка партија.
„Тоа ниту се случило, ниту се случува, ниту пак ќе се случи. Бевте сведоци на гласањето на ‘францускиот’ предлог минатата година кога пратениците од мојата политичка партија беа слободни да гласаат како што сметаат дека треба да гласаат и предлогот беше донесен со 68 гласа ‘за’ и без ниту еден глас ‘против’ бидејќи оние што беа ‘против’ не влегоа да гласаат, туку излегоа надвор. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше ‘против’, тие зборуваат против и потоа бегаат надвор за да не им замери некој од странство бидејќи реториката што ја имаат во јавноста и кај странските претставништва е тотално различна. Затоа во Собрание не може да ги најдете кога се носи одлука. Тие ќе тропаат, палат, а кога треба да се гласа, се излегува надвор“,
рече Ковачевски.
Останува на ставот дека платформата за заеднички разговор договорен на лидерската средба е добра основа да се направат следните чекори и вели дека на ВМРО-ДПМНЕ им се исполнети сите услови за да поддржат уставни измени.
„Платформата за заеднички разговор која беше договорена на лидерската средба, бидејќи сите услови на лидерската средба беа испочитувани, бидејќи таму Христијан Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема проблем со промена на Уставот и внесување на бугарскиот народ, изрази желба да биде дел од Влада, јас понудив братски, половина со половина министерски места. Бараше ДУИ да не биде дел од Влада, тоа беше прифатено. И Алијанса и БЕСА рекоа дека нема да бидат, а тоа значи на ВМРО-ДПМНЕ му се ослободуваат уште министерски места“,
додаде Ковачевски.
Според него, заедно треба да се донесе одлуката, да се заврши процесот на уставни измени и скрининг, да се затворат барем две поглавја бидејќи мислам дека сме подготвени за такво нешто.
„Потоа може да се оди на избори. Тоа е начинот на кој се постигнува договор, а не преку секојдневни соопштенија кои не соодветствуваат на тоа што беше кажано на прес-конференцијата на 7 јуни“,
додаде Ковачевски.
Откако работната група ја подготви предлог-иницијативата за уставни измени, таа на почетокот на месецов беше испратена до Владата и, како што беше најавено тогаш, ќе биде разгледана на некоја од наредните владини седници. Очекувањата тогаш беа дека уставните измени би можеле да влезат во Собранието во средината на месецов кога и формално ќе почнат да течат роковите за уставни измени.
Откако Владата ќе ја усвои, иницијативата за промена на Уставот потоа ќе биде доставена во парламентот каде треба да се изгласа со двотретинско мнозинство.
