Одговор на прашањето за износот на авансот што му е исплатен на американско-турскиот конзорциум, премиерот Димитар Ковачевски упати одговорот да се бара од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП)
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) пред извесен период на американско-турскиот конзорциум му исплатило аванс за подготвителните работи околу изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д. Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски не откривајќи ја точната сума што е исплатена.

Одговор на прашањето за износот на авансот што му е исплатен на американско-турскиот конзорциум, Ковачевски упати одговорот да се бара од Јавното претпријатие за државни патишта.
„Пред извесен период е исплатен аванс на ‘Бехтел и Енка’ согласно извршувањето на подготвителните работи за почеток на изградба на проектот зашто има проектирање, геомеханички истражувања и потоа изведба на проектот. Точната сума може да ви ја дадат во Јавното претпријатие за државни патишта“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по настанот на кој се одбележаа 70-години од основањето на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков” и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи”.
Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот кажа дека е почната работата на коридорите, односно дека во тек се геомеханичките истражувања.
„Почната е работата за коридорите. Тој договор е веќе потпишан и според него, прво почнуваат геомеханички истражувања кои се веќе почнати, почнува фаза на проектирање зашто се работи за проектирање и изградба. Тие веќе работат согласно процедурите и имаат договор што е валиден“,
додаде Ковачевски.
Кон крајот на април годинава, првиот човек на Министерството за транспорт и врски Благој Бочварски кажа дека неговиот ресор му исплатил вкупно 117 милиони евра државни пари на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), во рамки на првиот трансфер на средства наменети за американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, како што беше презентирано од Владата, треба да чини околу 1,3 милијарда евра.