Иако властите официјално не идентификуваа ниту еден од петте патници во подморницата, нивните семејства и пријатели почнаа да објавуваат информации давајќи појасна слика за тоа кој бил вклучен во експедицијата. Засега непотврдено е дека во подморницата е и Стоктон Раш – извршниот директор на компанијата „Оушнгејт експедишнс“ (OceanGate Expeditions), која ги организира турите со подморницата
Американски и канадски тимови за пребарување ја продолжуваат потрагата по туристичката подморница која исчезна во неделата во близина на потонатиот брод „Титаник“ во средината на Атлантикот.
Се трага по вода и воздух, но засега нема траги од подморницата која тргнала во туристичката обиколка на „Титаник“ во неделата по локално време.

Според последните информации што ги соопшти Американската крајбрежна стража, подморницата која исчезнала еден час и 45 минути по нурнувањето, има кислород за уште четири дена.
За кој се верува дека е во подморницата
Иако властите официјално не идентификуваа ниту еден од петте патници во подморницата, нивните семејства и пријатели почнаа да објавуваат информации давајќи појасна слика за тоа кој бил вклучен во експедицијата.
Си-ен-ен пишува дека еден од петтемина патници бил британскиот бизнисмен Хамиш Хардинг – сопственик на компанијата „Екшн авиеишн“ (Action Aviation) која купува и продава авиони.
Хардинг на социјалните мрежи во саботата објавил дека на патувањето во неделата со него требало да биде и нуркачот Пол Енри Наргеолет. Инаку, Наргеолет во минатото водел неколку експедиции до „Титаник“ и го надгледувал извлекувањето на многу артефакти од потонатиот брод.
Си-ен-ен додава оти во подморницата биле и пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман Давуд, според соопштението објавено од нивното семејство. Шахзада е управник на Институтот СЕТИ, непрофитна организација во Калифорнија.
Објавено, но засега непотврдено, е дека во подморницата е и Стоктон Раш – извршниот директор на компанијата „Оушнгејт експедишнс“ (OceanGate Expeditions), која ги организира турите со подморницата.
За каква подморница станува збор
Станува збор за подморница која може да се спушти на длабочина од 4 000 метри. Нејзините димензии се 670 сантиметри должина, 280 сантиметри висина и 250 сантиметри широчина. Може да обезбеди поддршка од 96 часа за петчлена екипа. Се движи со брзина од околу 3,5 милји на час, односно 5,6 километри на час.
Освен за носење нуркачи до потонатиот брод „Титаник“, подморницата се користи за истражување и инспекција на локацијата, истражување и собирање податоци, филмска и медиумска продукција и тестирање хардвер и софтвер на длабочина. Опремена е со интегрирана платформа од која подморницата се лансира и се враќа пред и по секое нуркање.