Ранг-листата на запишани ученици ќе биде објавена на 22 јуни 2023 година. По ова, учениците, на 22 јуни од 12 до 19 часот и на 23 јуни од 7 до 19 часот, ќе треба да ја достават потребната документација до училиштата, согласно изготвен распоред

До утре до 15 часот трае пријавувањето на учениците за упис во прва година во јавните средни училишта за учебната 2023-2024 година.
Учениците треба да ги пополнуваат своите пријави и да ги испратат преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk. Потоа системот ќе биде затворен за онлајн-аплицирање од ученици.
Од Министерството за образование и наука (МОН) информираат дека ранг-листата на запишани ученици ќе биде објавена на 22 јуни 2023 година на https://e-uslugi.mon.gov.mk и на интернет-страницата www.mon.gov.mk најдоцна до 9 часот.
„По ова, учениците, на 22 јуни од 12 до 19 часот и на 23 јуни од 7 до 19 часот, ќе треба да ја достават потребната документација до училиштата, согласно изготвен распоред од страна на училиштето“,
велат од МОН.
Пријавата за запишување е составен дел од апликацијата која е потребно да се пополни и да се испечати по објавување на ранг-листата.
„Учениците кои се на листата, ја доставуваат потребната документација за запишување до училиштето во утврдените рокови. Пополнетата електронска пријава од страна на учениците може да се генерира со печатење на електронската пријава преку системот за е-услуги. Истата може да се повлече преку порталот за е-услуги на МОН, преку печатење со сивото копче печати во сегментот Мои апликации на порталот, по отворање на електронската пријава на ученикот“,
информираат од МОН.
Конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 24 јуни најдоцна до 12 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.
Второто пријавување на учениците овој месец е на 27 и 28 јуни. Ранг-листата на запишани ученици се објавува на 29 јуни, а на 29 и 30 јуни е доставувањето на потребената документација до училиштата. Конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе биде објавена на 1 јули 2023 година, велат од МОН.
