Осомничениот се претставувал лажно и со разработени шеми извлекувал пари од жртвите. На пример, претставувајќи се како обвинител, велел може да помогне да се забошоти случај за синот на една од жртвите. Се претставувал и како инспектор во УЈП велејќи дека може да затвори случај на даночно затајување, а како вработен во „Осигурување Скопје“ на друга жена ѝ тврдел дека може да ѝ помогне да добие пари од животно осигурување кое наводно го плаќал нејзиниот сопруг
Жител на Гевгелија е осомничен во најновата истрага што ја отвори тамошното Основно јавно обвинителство бидејќи преку разни шеми на измама успеал да извлече 115 362 денари од повеќе жени од Кавадарци, Струмица и Гевгелија.
Тој е осомничен за кривичното дело измама и лажно претставување, а според доказите на Обвинителството, претставувајќи се како обвинител, вработен во Управата за јавни приходи (УЈП), Агенцијата за разузнавање и други места оперирал во периодот од јули лани до средината на јуни годинава.
Една од неговите први жртви била жена од Кавадарци на која ѝ се јавил во јули лани и ѝ се претставил како обвинител од Скопје. Рекол дека може да ѝ помогне за нејзиниот син за кој се води постапка за тешка кражба доколку му плати 300 евра. Жената по такси му испратила 9 000 денари и 50 евра, а потоа измамникот побарал уште 15 790 денари, но таа одбила да му плати.
На други две жени од Кавадарци, пак, им се претставувал како раководител во УЈП, но измамата не му успеала.
„На 16.07.2022 и на 18.07.2022 година, осомничениот во два наврати се јавувал кај две различни жени од Кавадарци, им се претставил како службено лице – раководител на УЈП и им кажувал дека за нив има решение за наплата на долг на име неплатен данок. На жртвите им рекол дека може да се договорат доколку му платат определен износ, но тие провериле во УЈП во Кавадарци од каде им кажале дека немаат таков долг“,
велат од ОЈО Гевгелија.
На уште една нивна сограѓанка, пак, ѝ се претставил како раководител во Агенцијата за вработување и ѝ кажал дека нејзиниот сопруг има право како вработен во фирма што отишла во стечај, по завршување на стечајната постапка, да земе 967 000 денари. Меѓутоа, за да се подготви документацијата тој побарал кавадарчанката веднаш да му плати 7 200 денари кои таа му ги испратила во плик по автобус до Гевгелија. Потоа, повторно побарал уште 5 900 денари, но таа одбила да му плати.
По гевгеличанка, пак, измамил нарекувајќи ја на градските гробишта и претставувајќи ѝ се како одговорно лице во АД „Осигурување Скопје“.
„Ѝ кажал дека нејзиниот сопруг плаќал животно осигурување во 2011 година и дека треба да и бидат исплатени 43 000 евра, но дека треба да плати 600 евра за да се изготви документацијата. Побарал парите да ги однесе во плик во слаткарница во Гевгелија од каде што ги подигнал“,
велат од гевгелиското обвинителство.
Осомничениот оперирал и во Струмица. На една струмичанка ѝ се претставил како инспектор во УЈП и ѝ кажал дека за последните 4 години и 9 месеци имала затаен данок за плаќање во висина од 347 000 денари. За да го затвори затајувањето, таа му платила 1 150 евра.
„За да може да биде затворено наводното затајување, од неа побарал да плати 150 евра, како 400 евра од книговодителот на оштетената за да не ја загуби лиценцата што не го пријавила данокот. Оштетената му платила по што на 16.06.2023 година повторно и се јавил и побарал уште 600 евра кои оштетената ги платила, со што ја навел да му исплати вкупна сума од 1.150 евра во денарска противвредност“,
објаснуваат од ОЈО Гевгелија.
Покрај наведувањето на случаите со измама, од Обвинителството додаваат и дека за осомничениот бараат од судија на претходна постапка да му одреди мерка притвор.
