Ковачевски се надева оти ќе се изнајде решение бидејќи, како што вели, секогаш се изнаоѓало решение низ дијалог меѓу синдикатите и работодавците

Работниците и претставниците на синдикатот имаат право да ја искажат својата загриженост, а раководствата на УЈП и на Царина треба да разговараат со нив, како и со министерот за финансии, за да изнајдат долгорочно решение кое ќе даде резултат што ќе биде од интерес на двете страни, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашањето во врска со штрајкот на работниците од УЈП и Царина.
„Тоа се разговори што треба да ги водат претставниците на Синдикатот заедно со министерот за финансии и УЈП и Царина, со цел да изнајдат заедничко решение. Она што Владата го прави е усвојување на нов општ колективен договор за сите вработени со цел да се овозможи правилно усогласување на платите согласно методологија која ќе биде усвоена од Владата и синдикатите. Веќе има три модели кои се тестираат и се прават симулации какво влијание ќе имаат на буџетот. Второто е Законот за плати, во кој треба да се стави ред на висината на платите на сите нивоа“,
рече Ковачевски по увидот на санација на системот за наводнување „Макарија“ кај Росоман.
Според него, станува збор за вработени во институции кои се органи во состав на Министерството за финансии. Тој се надева оти ќе се изнајде решение бидејќи, според него, секогаш се изнаоѓало решение низ дијалог меѓу синдикатите и работодавците, а иако, како што рече, Владата не расправала по однос на барањата на Синдикатот, сепак, легитимно е Синдикатот да има барања.
Според Ковачевски, министерот Бесими одговорно управува со буџетот, согласно принципите на добро управување, за да се овозможи раст на платите на оние кои најмногу беа погодени од кризата.
„Мислам дека и за ова ќе се изнајде решение. Јас би ги поттикнал и директорот на Царина и на УЈП да изнајдат модел за проверка на имотната состојба на нивните вработени и да се воведе систем на перформанси кој колку придонесува во работата“,
додаде Ковачевски.
Вработените од Управата за јавни приходи веќе неколку дена во периодот од 10 до 12 часот штрајкуваат без да ги извршуваат своите обврски од работното место. Тие велат дека доколку надлежните не ги прифатат нивните барања, потпишување на колективниот договор за покачување на платите за 30 отсто, не се исклучува можноста да стапат и во генерален штрајк што би значело парализирање на целиот платен систем во земјата.
Од петокот во штрајк се и вработените во Царинската управа кои бараат, како што велат, она што им следува согласно закон и Колективниот договор, а тоа е исплата на додаток од 30 отсто од платата.