Од АМСМ соопштија дека поради излевање на Крива Река, во прекин ќе бидат локалните патишта од Крива Паланка кон с. Варовиште и с. Градец. Исто така, во с. Пчиња (Кумановско) има насобрани дрвја и гранки под мостот на р. Пчиња, со што е намален протокот на реката, па постои опасност од излевање и оштетување на мостот.
Од утринава, пак, поради обилни врнежи од дожд и излевање на Раечката Река, кај селото Раец, сообраќајот на регионалниот пат Градско – Прилеп од 7:20 е во целосен прекин. Како што информираат од АМСМ, на клучката кај местото кое се нарекува „Мотел Дреново“, на коловозот има огромно количество вода, додека кај „Плетвар“ пред тунелите има свлечиште и одрон на карпи. Екипите на „Македонија пат“ во моментот работат на расчистување на теренот, а сѐ уште нема информации кога патот ќе биде прооден повторно.
Од ЦУК информираат дека се преземаат превентивни и координативни мерки по информациите кои ги добиле од УХМР за зголемен водостој на локални реки и на најголемата река во земјава, Вардар. Поради зголемен водостој на реката Вардар во горниот дел од текот, на сливовите со одредени притоки, можни се излевања во Полошката Котлина, во Тетовско-гостиварскиот Регион и на други критични места на реката. Во таа насока, како што ќе се зголемува нивото на реката, ќе се очекува и висок водостој на реката Вардар во Скопје и низводно во Велешкиот Регион.
„ЦУК преку Секторот за операции и координација презема превентивни и координативни мерки утрово со зголемување на готовноста за информирање и дејствување со субјектите за управување со кризи при можни елементарни локални непогоди во Скопско, Велешко, Кумановско, а и други региони што се реализира и преку другите регионални центри за управување со кризи во државата“,
велат од ЦУК.
