Обилните дождови деновиве поплавија голем број градови, но и патишта низ целата земја, а во неколку градови беа прогласени елементарни локални непогоди. Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска алармираше за претпазливост поради зголемување на водостојот на најголемата река во Македонија, Вардар, и на други помали реки
Во последниот бран дождови, синоќа од силно невреме беше зафатена Крива Паланка, по што дојде до нагло зголемување на водостојот на повеќе реки и до нивно излевање и поплавување. Од доцна синоќа до раните утрински часови се вршеше испумпување вода во неколку куќи кај местото наречено Тополки кај населбата Мизовски Ливади, а кај градскиот базен постоеше опасност од излевање на реката. Водите на Крива Река однесоа повеќе пешачки мостови кај Пашина Воденица и т.н. Карчов Мост, спроти градскиот пазар.
Поради свлечиште целосно во прекин беше и сообраќајот на патниот правец од Крива Паланка кон селото Луке.
„Невреме со пороен дожд и силен ветер попладнево го зафати и Куманово и Кумановско, што предизвика поплавување на улиците во централното градско подрачје, бидејќи шахтите не ја апсорбираа големата количина на вода, а силниот ветер откорна и неколку дрвја“,
информираше вчера градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Сега, во Кумановско е покачен водостојот на реката Кумановка во село Доброшане, но нема опасност од поплавување на куќите и од излевање на река, додека, пак, во Општина Старо Нагоричане е надојдена и реката Пчиња кај Пелинце. Во соседното Липково, поради зголемување на водостојот на неколку реки се полнат акумулациите Глажња и Липковско Езеро се полни и има прелевање, но нема опасност од излевање на речното корито.
Од утринава, пак, оради обилни врнежи од дожд и излевање на Раечката Река, кај селото Раец, сообраќајот на регионалниот пат Градско – Прилеп од 7:20 е во целосен прекин. Како што информираат од АМСМ, на клучката кај местото кое се нарекува „Мотел Дреново“, на коловозот има огромно количество вода, додека кај „Плетвар“ пред тунелите има свлечиште и одрон на карпи. Екипите на „Македонија пат“ во моментот работат на расчистување на теренот, а сѐ уште нема информации кога патот ќе биде прооден повторно.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) предупредува граѓаните да бидат внимателни кога се движат покрај речните корита и поројните суводолици, особено во реони на поројните полавувања и на местата каде што има или ќе има поројни локални дождови
Од ЦУК информираат дека се преземаат превентивни и координативни мерки по информациите кои ги добиле од УХМР за зголемен водостој на локални реки и најголемата река во земјава, Вардар. Поради зголемен водостој на реката Вардар во горниот дел од текот, на сливовите со одредени притоки, можни се излевања во Полошката Котлина, во Тетовско-гостиварскиот Регион и на други критични места на реката. Во таа насока, како што ќе се зголемува нивото на реката, ќе се очекува и висок водостој на реката Вардар во Скопје и низводно во Велешкиот Регион.
„ЦУК преку Секторот за операции и координација презема превентивни и координативни мерки утрово со зголемување на готовноста за информирање и дејствување со субјектите за управување со кризи при можни елементарни локални непогоди во Скопско, Велешко, Кумановско, а и други региони што се реализира и преку другите регионални центри за управување со кризи во државата“,
велат од ЦУК.
ЦУК информира дека е добиено предупредување од Водостопанство за мостот во село Пчиња, кој имал слаба конструкција, а зголеменото ниво вода од Крива Река ќе дојде до река Пчиња за околу два часа и ќе има зголемен притисок на мостот. Од Секторот за операции и координација на ЦУК се запознаени Локална самоуправа, ДЗС и МВР, за да се дејствува превентивно за запазување на безбедноста на граѓаните.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) презема превентивни и координативни мерки утрово по информацијата од УХМР за зголемен водостој на локални реки и на реката Вардар.
