Во селото Нивици на брегот на Преспанското Езеро од грчка страна, на денешен ден во 2018 г. С Македонија и Грција го потпишаа договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор помеѓу двете земји за името на нашата земја, со што се деблокираше патот на Македонија кон НАТО
Со договорот, земјава го смени своето уставно име од Република Македонија во Република Северна Македонија, државјанството од македонско стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, додека, пак, кодовите на регистарските таблички од МК станаа НМК. Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, долгогодишниот посредник Метју Нимиц, како и високи претставници на ЕУ и други земји.
Договорот стапи на сила 8 месеци по потпишувањето, и откако беше ратификуван од двата парламенти, на 12 февруари 2019 г. стапи на сила.
На решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, но имаше и периоди кога беа во застој и прекин, а секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение, сѐ до крајот на 2017 година кога се интензивираа разговорите по речиси тригодишен застој и беше постигнат Договорот.
Во однос на имплементацијата на Договорот, постојат одредени доцнења од грчка страна, како што се одржувањето на вториот Совет на високо ниво и ратификацијата на трите меморандуми за соработка во Парламентот, а воедно не се сменети ниту таблите на патиштата кои водат кон земјава со новото уставно име, односно сѐ уште пишува „Скопје“ или „ФИРОМ“.
Согласно договореното, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата”. Првата и единствена меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, додека на втората домаќин треба да биде Грција.
Решението на спорот со името целосно ги нормализира билатералните политички односи, кои влегоа во нормален тек, со редовна и активна меѓусебна комуникација, со средби и посети, а резултира и со прва официјална посета во Грција на претседател на Северна Македонија, како и прва официјална посета на грчки премиер на земјава. Во октомври 2021 година, претседателот Стево Пендаровски беше првиот шеф на државата кој ја посети Грција и со високи почести беше пречекан во Атина, додека, пак, помалку од една година по потпишувањето на Договорот, во април 2019 година, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас го посети Скопје и се одржа првиот Совет за соработка на високо ниво што го сочинуваат претставници на двете влади, заеднички предводен од премиерите.
