До 10 јули ќе биде приспособена оваа трака и ќе се вози повторно по овој дел од автопатската делница и потоа ќе започнеме со последната фаза за поставување на еластични огради и одобрување на времениот режим. Сметам дека за главниот дел од туристичката сезона ќе биде приспособена оваа траса и убеден сум дека тоа е од значење за граѓаните, за градот, за туризмот, вели Бочварски

Градежните работи што ги започна централната власт на влезот на Охрид на почетокот од туристичка сезона се очекува да бидат завршени до 10 јули. Ова уверување денеска го дадоа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми по увидот на градежните работи на делницата Подмоље – Охрид.
„Гледаме силна градежна офанзива овде пред Охрид. Очекуваме до 10 јули да завршат градежните активности во овој дел од Подмоље до Охрид и потоа да започнеме со последната фаза за поставување на еластични огради и одобрување на времениот режим“,
рече Бочварски додавјаќи дека со Рустеми почесто се на оваа делница за да извршат дополнителен притисок за изградба на овој автопат.
За Бочварски се неприфатливи реакциите во однос на времениот режим на оваа делница во време кога привршуваат градежните работи, додаде министерот, а притоа побара поддршка од општината и од граѓанските здруженија да не ја кочат реализацијата на овој автопат.
„Ова е правиот начин како треба да работиме со зголемена механизација, со решени проблеми, со решена експропријација, со решени проектантски прашања. Денеска сите овие состојби се решени и она што е важно е дека до 10 јули ќе биде приспособена оваа трака и ќе се вози повторно по овој дел од автопатската делница, и сметам дека за главниот дел од туристичката сезона ќе биде приспособена оваа траса и убеден сум дека тоа е од значење за граѓаните, за градот, за туризмот и сите треба да дадеме поддршка за еден ваков прогрес и работа на терен“,
рече Бочварски.
Тој нагласи дека сè што се работи е во насока на развој на туризмот во Охрид и верува дека граѓаните ќе имаат разбирање и ќе дадат поддршка, затоа што по завршувањето на овие градежни работи влезот во Охрид ќе биде со автопатско решение.
„Главната поддршка за реализација на овој проект треба да дојде токму од Општина Охрид. Ние како Влада сме реализирале многу проекти во Охрид независно која политичка партија е на власт, најголемиот проект во мандатот на сегашниот градоначалник на Охрид е улицата ‘Македонски просветители’, што е инвестиција на Минситерството за транспорт и врски и на Владата. Не видов тогаш коментар од градоначалникот дека со реализацијата на тој проект се подобруваат условите за развој на туризмот, а сега кога излегуваме на терен со градежна механизација да го решиме проблемот затекнат од минатото, гледам коментари и критики во јавноста. Сметам дека е некоректно, поддршката треба да дојде пред сè од градоначалникот, општината и граѓаните“,
додаде Бочварски.
Директорот на јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми вели дека сега се води постапка за набавка и на заштитна ограда која ќе се монтира веднаш по завршување на асфалтерските работи.
„Сега кога е отворена цела траса правиме сериозни напори за поголема динамика за работа, за поголеми активности на трасата и очекуваме до 10 јули да завршиме со изградба на делницата од Подмоље до Охрид и да ги пуштиме во употреба за сообраќај двете ленти. Ако успееме да ја обезбедиме и еластичната ограда до 10 јули, тогаш ќе можеме да ги пуштиме и двете ленти од Охрид до Подмоље“,
рече Рустеми.
Бочварски потсети дека биле реализирани бројни координации, состаноци со 15 институции, за да се решат сите проблеми во проектот на автопатот Охрид – Кичево, да се репроектират косините, да се проектираат клучките, да се решат сите експропријации за конечно повторно да се работи на овој проект.
„Оние кои го направиле проблемот во минатото со отпочнување на изградбата на овој автопат на таков начин, сега критикуваат. Сметам дека ние сме тие кои ги решиле проблемите и сме тука да направиме увид, да направиме дополнителен притисок со цел градежната механизација да продолжи со работа и да се пушти автопатот за сообраќај“,
рече Бочварски.
Автопатската делница Кичево – Охрид е дел од Коридорот 8, во должина од 57 километри и инвестиција од 598 милиони евра.
