„Бугарската страна изрази загриженост во врска со нападот врз Бекир Кадриески, кој е копретседател на здружението на Бугарите во градот Струга – „Шемето“, што се случи на 14 јуни 2023 година, и ја истакна потребата од надлежните властите во Северна Македонија да преземат брза акција за ефикасна истрага и спроведување на правдата во случајот“, се наведува во соопштението на бугарското МНР
Македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси-Попоска денеска била повикана во бугарското министерство за надворешни на средба со генералната директорка за европски прашања Славена Гергова.

Повод за средбата бил инцидентот со физичкиот напад на копретседателот на бугарското здружение – „Шемето“, во Струга Бекир Кадриоски. Гергова, како што се наведува во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на бугарското МНР, изразила загриженост во врска со нападот и повикала на ефикасна истрага од страна на надлежените власти во С Македонија за расчистување на случајот.
„Бугарската страна изрази загриженост во врска со нападот врз Бекир Кадриески, кој е копретседател на здружението на Бугарите во градот Струга – „Шемето“, што се случи на 14 јуни 2023 година, и ја истакна потребата од надлежните властите во Северна Македонија да преземат брза акција за ефикасна истрага и спроведување на правдата во случајот“,
се наведува во соопштението на бугарското МНР.
На средбата, како што се додава, од бугарска страна било посочено дека Софија очекува „конкретни резултати во однос на другите инциденти со Бугарите и нивните задруженија во Северна Македонија“.
Претходно денеска, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на прес-конфренција во рамките на Преспа – Форумот за дијалог што се одржува во Струга, побара да не се избрзува со квалификации за мотивите за нападот на Кадриески и да не се политизира ова прашање сè додека случајот не се расчисти во целост.

Ако се утврди дека нападот бил на етничка основа, Османи рече дека тој ќе реагира повеќе од кој било политичар од Бугарија, бидејќи, како што додаде, не сакаме тоа прашање да прерасне во тренд во земјава.
„Ние сме држава која полека станува модел за меѓуетничка толеранција и нема да дозволиме никој да ни го руши тој просек. Но, да не брзаме со квалификации и да го исполитизираме ова, бидејќи така праќаме лоша порака, на секој инцидент утре да се повикува на етничка омраза и да се добие одредена заштита и тука мора да сме внимателни. Дајте да видиме што точно се случува“,
рече министерот Османи одговарајќи на новинарски прашања на Преспа – Форумот за дијалог.
Според шефот на дипломатијата за настанот има две верзии – онаа на напаѓачот и онаа на оштетениот, а епилогот од инцидентот, како што кажа, треба да се остави на Обвинителството.
„Прво да видиме што точно се случило. Министерството за надворешни работи е прва точка на контакт, вчера контактирав и со Министерството за внатрешни работи и со Влада. Не смееме да доцниме ниту еден час во расчистување на овој случај и мислам дека така постапија институциите. Ако има елементи на омраза по етничка основа јас ќе реагирам повеќе од кој било бугарски политичар бидјеќи тоа е прашање кое ние нема да дозволиме да прерасне во тренд“,
рече Османи.
Инаку, копретседателот на здружението „Шемето“, Бекир Кадриески, кој беше нападнат пред неколку дена, денеска во изјава за бугарската телевизија БНТ изјави оти своето лекување сака да го продолжи во Бугарија зашто, како што кажа, лекарите во струшката болница не се труделе многу околу него и не му направиле никакви испитувања.
Кадриески е државјанин на Северна Македонија. Тој нема бугарски пасош, но откако беше претепан, за медиумите во Бугарија изјави дека има бугарски идентитет.
Неговиот случај потсетува на оној со претседателот на, сега веќе згаснатиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков. Пендиков беше претепан на 19 јануари пред кафе-бар во Охрид, по што со бугарски владин авион експресно беше пренесен на лекување во Софија.
Освен што се лекуваше во соседната држава, бугарските власти му обезбедија престој и лично обезбедување, а неколку месеци подоцна му беше врачено и бугарско државјанство.