Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и бугарската заедница, додаваат од Министерството
Сè до целосно расчистување на случајот, Министерството за надворешни работи (МНР) апелира за воздржаност од предвремени квалификации во врска со инцидентот за кој најпрво бугарските медиуми, а потоа и МНР на Бугарија соопшти оти се случил вчера, а во кој бил нападнат претседателот на бугарското здружение „Шемето“ во Струга.

„Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и бугарската заедница“,
соопшти Министерството за надворешни работи.
Дополнително, МНР упати повик до политичките субјекти и до јавноста во Бугарија да им овозможат на институциите во земјава да ги расчистат околностите на инцидентот и соодветно да постапат.
Претседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески, вчера за бугарскиот портал Нова.бг изјавил оти бил претепан од непознато лице во Струга. Тврдел оти бил соборен на земја и клоцан, а бил удиран и со раце. Рекол и дека при тепањето бил навредуван на етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“.
Откако бугарските медиуми објавија за инцидентот, синоќа веднаш се огласи и Министерството за надворешни работи на Бугарија кое информира оти добило податок за извршен напад над претседателот на здружението на Бугари во Северна Македонија – „Шемето“ од Струга.
Оттаму додадоа дека вработен во Генералниот конзулат во Битола е испратен во Струга со цел расчистување на фактите околу случајот и утврдување дали нападот е резултат на кривично дело од омраза.