Владата се залага за систем за раст на платите во целиот јавен сектор. Очекуваме преговорите во Економско-социјалниот совет да продолжат и наскоро заеднички да се дојде до одржливо решение прифатливо за сите страни, велат од Министерството за финансии
Владата се залага за систем за раст на платите во целиот јавен сектор, а поткрепа за ова е континуираниот раст на платите во јавниот и приватниот сектор и покрај неколкуте напоредни глобални економски кризи во изминатите три години, се вели во соопштението од Министерството за финансии, а кое е во однос на барањето на дел од даночните работници за раст на платите.
„Во однос на барањето на дел од даночните работници за раст на платите, истакнуваме дека Владата се залага за систем за раст на платите во целиот јавен сектор. Преку Економско социјалниот совет, заедно со социјалните партнери, веќе се работи на утврдување на систем за плати на сите вработени во јавниот сектор. Очекуваме преговорите во Економско социјалниот совет да продолжат и наскоро заеднички да се дојде до одржливо решение прифатливо за сите страни“,
се вели во соопштението.
Од Министерството за финансии велат дека во подговка е нов Закон за плати на вработените во јавниот сектор и нов Општ колективен договор за јавниот сектор, кој во иднина ќе овозможи континуиран раст на платите.
„Во услови кога се очекува да се воспостави вакво системско решение, а за кое веќе се водат разговори во Економско-социјалниот совет, секое поединечно решение, пред финализирање на овие два акта, ќе биде нарушување на воспоставувањето на таквиот систем и постигнување на крајната цел“,
се додава во соопштението.
Оттаму велат дека целта на Владата е да се воспостави воедначено, системско решение кое ќе биде фискално одржливо на долг рок и кое соодветно ќе го валоризира трудот на работниците.
Денеска вработените од Управата за јавни приходи излегоа на протест пред Министерството за финансии од каде побараа потпишување на колективниот договор и покачување на платите за 30 отсто. Тие се револтирани затоа што министерот Фатмир Бесими не става потпис на колективниот договор кои заедно со него го направиле.
Тие најавија дека доколку овие нивни барања не се исполнат, ќе следува генерален штрајк кој подразбира целосно неизвршување на работните задачи од страна на сите вработени во УЈП.