Ако сакаме да ги завршиме уставните измени до ноември, би требало крај на јули или почеток на август да ја почнеме постапката во Собранието и потоа во декември да одиме на втората меѓувладина конференција и веќе да почнеме отворање на поглавјата, вели Груби додавајќи дека пратениците можеби и не би требало да одат на одмор зашто ова прашање е поважно од што било

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби очекува дека кон крајот на јули ќе почне постапката за уставни измени во Собранието. Тој во денешното гостување во „Студио 10“ на ТВ 24 рече дека целиот процес би траел околу четири и пол, а најмногу пет месеци. Пред да дојдат во Собранието, Груби вели дека предлозите од работната група ќе треба да се разгледаат на седница на Владата, но не знае дали тоа ќе биде во текот на утрешниот ден.
„Ако сакаме да ги завршиме уставните измени до ноември, би требало до крајот на јули или почеток на август да ја почнеме постапката во Собранието и потоа во декември да одиме на втората меѓувладина конференција и веќе да почнеме отворање на поглавјата“,
рече Груби велејќи дека можеби и не би требало да има одмор за пратениците зашто ова прашање е поважно од што било.
Според Груби, ова се само технички амандмани кои се прават за да се продолжи европскиот пат на Македонија.
„Во Собранието има 120 пратеници, нема 80. Сметам дека сите тие, со исклучок на двајца пратеници, се за интегрирање на нашата земја во ЕУ, како што беа за интегрирање во НАТО. Убеден сум дека ако се претстави добро оваа техничка измена во Уставот и граѓаните би ја прифатиле, а не само пратениците“,
рече Груби.
Груби вели дека е важно тоа што го кажа Христијан Мицкоски на 7 јуни месецов.
„Ќе се памети тој ден, не по тоа што ми е роденден, туку по изјавите на Мицкоски. Сакам јавно да му се заблагодарам за можноста што им ја даде на ДИУ и на државата да продолжиме кон европскиот пат. Се покажа дека адресата не им е на друго место, туку во Брисел и Вашингтон. Се надевам дека ќе си остане на зборот. Ние уште додека тој беше на прес-конференцијата веднаш реагиравме. Тој не беше свесен дека сме реагирале и го прифативме неговиот предизвик. 7 јуни ќе се памети по изјавата дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прифатија уставни измени, прифатија Бугарите да се вклучат во Преамбулата и Уставот, прифати да нема предвремени парламентарни избори и се надевам дека сите овие ретерирања, веќе се променети и дека сме на нов терен. Охрабрувам да почнеме со постапката и да ги разгледаме предлозите на работната група“,
додаде Груби.
За ставот на ДУИ од 7 јуни, Груби вели дека е најдоброто нешто што можеле да го направат.
„Ние ветивме европска интеграција. ДУИ е партија која ветува и остварува. Во насока на нашата партија, ние сè би жртвувале само Северна Македонија да влезе во Европска Унија. Небитна е власта. Дали меѓу ДУИ во опозиција или Македонија во ЕУ, ние ќе избереме Македонија во ЕУ. Немаме дилема за ставот. После сите кризи, ова е вистинскиот пат“,
вели Груби.
Вицепремиерот Груби рече и дека доколку ВМРО-ДПМНЕ сака, може да се оди на избори веднаш по изгласувањето на уставните измени.
„На истата седница со втора точка на дневен ред да биде распуштање на парламентот, веднаш по изгласувањето на уставните измени. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ може да си остане на власт до јули 2024 година кога се парламентарните избори. Изборот е до нив. Може да гласаат за уставни измени, да си останат на власт, да ги организираат изборите тогаш, или може во ноември да одиме на предвремени избори после уставните измени“,
додаде Груби.
Тој потврди дека има разговарано со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и, како што рече, знам дека пратениците се незадоволни од раководството на партијата и наметнувањето на диктатот и начинот на однесување и посебно се незадоволни од начинот на кој претседателството на ВМРО-ДПМНЕ се однесува кон сите други прашања, вели тој.