Првиот екстерен испит, задолжителниот мајчин јазик, го полагаа 15 620 матуранти на 27 мај

Матурантите утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен. На избор на матурантите им се дадени седум предмети и тоа освен математика, естетика и филозофија, може да одберат и еден од јазиците англиски, француски, германски или руски.
Претходно 15 620 матуранти, на 27 мај, го полагаа првиот екстерен испит, задолжителниот мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература.
Полагањето на државната матура беше ставено под знак прашалник откако вработените во Државниот испитен центар излегоа на штрајк на 25 април со барања за поголеми плати за 29-те вработени и согласност за нивниот колективен договор. Синдикатот ги стопира сите процеси за кои е надлежен ДИЦ, меѓу кои и полагањето на државната матура.
Но, на 12 мај Синдикатот на Државниот испитен центар, преку писмени пораки испратени до матурантите и до министерот за образование Јетон Шаќири, информираше дека го става штрајкот во мирување. Образложението кое го дадоа беше дека насилните мерки и притисоци на министерот за образование Јетон Шаќири со обид да внесе надворешни лица во процесот на државната матура – процес кој е со висок степен на тајност, ќе ја доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Вработените во Државниот испитен центар информираа дека ја одложуваат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на матурантите.
Останатите средношколци денеска ја завршуваат учебната година, додека основците за тоа ќе почекаат до среда, 14 јуни.
Продолжувањето на учебната година за основците е поради тоа што второто полугодие започна три дена подоцна заради заштеда на електрична енергија за греење на училиштата. Од МОН не објаснуваат зошто учебната година не беше продолжена и за средношколците кои, исто така, второто полугодие го започнаа три дена подоцна од планираниот календар, односно на 23 јануари.