Претседателот Стево Пендаровски честитајќи му го новиот мандат на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, му посака успешно извршување на одговорната функција и изрази подготвеност за продолжување на одличната билатерална соработка и на македонско-турското пријателство и партнерство кое се гради и унапредува низ соработката на нашите институции, бизниси и граѓани, се наведува во соопштението од кабинетот на шефот на државата
На покана на турските власти, претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска присуствуваше на свечната церемонија на стапувањето на должност на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Анкара.

„Претседателот Стево Пендаровски честитајќи му го новиот мандат на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган му посака успешно извршување на одговорната функција и изрази подготвеност за продолжување на одличната билатерална соработка и македонско-турското пријателство и партнерство кое се гради и унапредува низ соработката на нашите институции, бизниси и граѓани“,
се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
Реџеп Таип Ердоган денеска во парламентот на Турција положи заклетва за трет претседателски мандат, по победата во вториот круг на изборите, ветувајќи дека функцијата ќе ја извршува непристрасно, пренесуваат светските агенции.
„Се колнам во мојата чест и интегритет пред големата турска нација и историја дека ќе го зачувам постоењето и независноста на државата, дека ќе се придржувам до Уставот, владеењето на правото, демократијата, принципите и реформите на Ататурк и принципите на секуларната република“,
рече Ердоган на церемонијата на инаугурација во парламентот во Анкара.
Турскиот лидер победи во вториот круг на претседателските избори што се одржаа на 28 мај, откако во првиот, две недели претходно, не успеа да освои 50 отсто од гласовите на турскиот електорат. Во вториот круг тој освои 52,18 отсто од гласовите, додека неговиот ривал Кемал Киличдароглу – 47,82 отсто, покажаа официјалните резултати.
Ердоган е политичар што досега најдолго се задржал на власт во историјата на Турција. Тој стана премиер во 2003 година, откако неговата Партија на правдата и развојот победи на изборите кон крајот на 2002 година, по најтешката економска криза во Турција од 1970-тите.
Тој стана првиот директно избран претседател на Турција во 2014 година, а беше реизбран во 2018 година, откако ги обезбеди новите извршни претседателски овластувања на референдумот во 2017 година. Една година претходно тој успеа да избегне да биде соборен од власт преку воен удар.
На свечената церемонија по повод инаугурацијата на Ердоган присуствуваа десетици лидери на странски земји.
