Постои сериозна можност за компромитација на истрагата во оваа фаза, во интерес на тајноста на постапката не сме во можност да споделуваме никакви детали, велат од Обвинителството додека од Кривичен само потврдија дека лицето е осомничено за кривичното дело убиство

Едно лице во текот на вчерашниот ден е уапсено за кривичното дело убиство, но засега не се откриваат детали за апсењето, ниту за случајот или улогата на осомничениот. Нему му е одреден краткотраен притвор од 48 часа.
Неофицијално, апсењето е поврзано со двојното убиството во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија на 6 март годинава, а на нашето прашање за потврда на информацијата и за тоа на каков начин лицето е поврзано со настанот, од Основното јавно обвинителство (ОЈО Скопје) велат дека не можат да откриваат детали.
„Со оглед на тоа што во предметот во кој е определен краткотраен притвор за едно лице постои сериозна можност за компромитација на истрагата во оваа фаза, во интерес на тајноста на постапката не сме во можност да споделуваме никакви детали“,
велат од ОЈО Скопје.
Од Основниот кривичен суд Скопје, пак, преку соопштение потврдија дека е определен 48-часовен притвор и оти лицето е осомничено за кривичното дело убиство.
„Заради интерес на повеќе медиуми околу определени мерки за претпазливост, а поврзани со конкретен настан, ја информираме јавноста дека судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на 31.05.2023 година, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје, го прифати предлогот и на едно лице му определи мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело убиство од член 123 од Кривичниот закон“,
велат од судот од каде што исто така не откриваат за кој случај станува збор.
Во убиството во „Шиша бар“ во март годинава беа убиени Јетон Кривањева и Енес Исени, а уште едно лице беше рането.
Неколку дена по убиството, според првичните информации од истрагата, шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, во емисијата „360 степени“ рече дека станува збор за пресметка за позиционирање на наркопазарот.
„Органите на откривање и органите на прогон работат на повеќе аспекти и повеќе размислувања – зошто е дојдено до тој настан од аспект и на тоа кои се лицата кои се жртви, зошто некој би имал мотив овие лица да ги лиши од живот и криминалистички се обработува во повеќе насоки. Во овој момент не можам повеќе да кажам освен тоа дека се кристализира дека се работи за позиции на наркопазарот, кој очигледно е многу важен за таквите структури“,
рече Бубевски.