Прашан во однос на некакви нови мерки околу цените на производите, Бектеши изјави дека такво нешто не се предвидува
За тоа дека мерките на Владата во однос на цените на производи даваат резултати, Бектеши посочи на податоците што ги објави германскиот завод за статистика – Дестатис, според кои Северна Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории
Доколку одредена компанија или сектор вештачки се обиде да ги зголеми цените на основните прехранбени производи кои беа замрзнaти, како дел од мерките на Владата која од денеска престанува да важи, надлежните институции и инспекциски служби веднаш ќе реагираат.

Ова денеска го изјава министерот за економија Крешник Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања на маргините на Економскиот форум „Парафискални давачки-мало делче во сложувалката на конкурентноста”, во организација на „Фајнeнс тинк“.
„Во однос на цените на прехранбените производи, утврдено е дека речиси сите се намалени како производи согласно владините мерки кои се носат веќе една година. Да, веќе нема да важат, но јас наведов и во моментот кога објавивме, нема да ги продолжиме мерките, ако одредена компанија, одреден сектор вештачки ќе се обиде да ги зголеми цените, се знае дека сите институции ќе влезат во функција и тоа нема да биде дозволено. Јас имав разговори, но повеќето разговори ги направија моите служби и мојот тим, каде што тие кажале дека за одредени производи би можело да има и намалување“,
рече Бектеши, прашан колку е тој сигурен дека нема да има скок на цените на прехранбените производи по нивното одмрзнување, наспроти стравувањата на граѓаните дека тие ќе одат нагоре.
За тоа дека мерките на Владата во однос на цените на производи даваат резултати, Бектеши посочи на податоците што ги објави германскиот завод за статистика Дестатис, според кои Северна Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории.
„За тоа дека мерките на Владата даваат резултат, не се повикувајте на податоци на Владата, на тоа што ние го кажуваме, повикајте се на германскиот завод за статистика кој ги објави податоците за тоа како Македонија се справува со цените на прехранбените производи, а ако не веруваме на германскиот завод за статистика, тогаш имаме општествен проблем“,
изјави Бектеши.
Дестатис, како што пренесе „Дојче веле“, ги анализирал цените на храната, пијалаците, тутунот, облеката, енергијата, транспортните трошоци, телекомуникациите, културниот живот и забава, како и цените во хотелите и рестораните. Речиси во сите категории, анализите покажале дека Македонија нуди најниски цени, а во некои категории е и убедливо најевтина. За основа на истражувањето се земени цените во Германија и тие се појдовна точка (100 отсто) од која се прави споредбата со други држави.
Прашан во однос на некакви нови мерки околу цените на производите, Бектеши изјави дека такво нешто не се предвидува.
„Никакви мерки не предвидуваме, само што ќе важат сите одредби од Законот за пазарна инспекција, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и Законот за заштита на потрошувачите кој е целосно усогласен со директивите на Европската Унија, а инспекциите ќе мора да ги вршат контролите согласно тоа што е донесено како одлука од страна на Владата“,
изјави министерот за економија.
Владата изминатите неколку месеци во пет наврати донесе одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, од кои последната беше од 3 април, а стартуваше два дена подоцна и се однесуваше на одредување на највисоката цена на 11 видови овошја и зеленчуци. Претходно, прво беше замрзната цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. Потоа следуваше замрзнување на цените на млекото и млечните производи, па на оризот и јајцата од кокошка. Пред овошјето и зеленчукот беа замрзнати цените на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените и хигиенските влошки.
- Владата ја укина субвенционираната струја за производителите зашто не ги намалија цените, ја замрзна и цената на лебот
- Владата ги замрзна цените на тестенините и млечните производи: Намалувања за 15 и 10 отсто
- Во пресрет на Велигден и Бајрам, Владата ги замрзна цените на јајцата и оризот
- Владата ја донесе одлуката: Се замрзнуваат цените на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените и хигиенските влошки
- Од среда килограм домати ќе се продаваат за 70 денари, Владата ги замрзна цените на 11 овошја и зеленчуци